Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Тројниот оскаровец Џек Николсон многумина го сметаат за еден од најдобрите, ако не и најдобриот актер од неговата генерација.
Некои го памтат како Џек Торанс од „Shining“, некои како МекМарфи од „One Flew Over The Cuckoo’s Nest“, а за некои беше и остана најдобриот Џокер на сите времиња. Како и да е, во својата долгогодишна кариера пронижа завиден број незаборавни филмови со кои освојуваше цели генерации од гледачи и обожаватели.
Фановите го обожаваа, жените не можеа да му одолеат, а дури и бившите сопруги кои биле љубовно изневерени од негова страна, зборуваат само позитивно за него.
Жените го обожаваат, мажите сакаат да бидат како него
Своевремено важеше за „тип каков што мажите сакаат да бидат, а жените сакаат да го одвлечат в кревет“. Важи и за еден од најголемите холивудски заводници, а за неговите алкохолни и сексуални авантури се раскажуваат приказни. Тој, пак, во животот секогаш се водел од една едноставна мисла: „Што повеќе добри моменти“.
Сепак, пред неколку години почна да кружи муабетот дека актерот се повлече од кариерата поради проблеми со памтењето, иако Николсон тоа никогаш не го потврди, ниту демантираше. Последната улога ја имаше во не така квалитетната романтична комедија „How Do You Know“.
Луда семејна приказна
Џек Николсон е роден во Њу Џерси, во 1937 година. Неговата мајка Џун Николсон имала само 18 години кога го родила Џек. Имајќи во предвид дека не била мажена, нејзините родители се согласиле да го гледаат Џек како сопствено дете. Актерот дури на 37 години дознал дека жената која цел живот ја знаел како своја сестра, всушност е негова мајка, а онаа која ја знаел за мајка му е баба. Тоа го дознал откако еден новинар се расчепкал по нговата биографија.
Тоа за Џек било голем шок, но отсекогаш тврдел дека растењето во семејство полно со жени „го научило на манири и на она што жените го сакаат“.
Во училиште го сметале за класен кловн, а неговоиот немирен табиет му обезбедил многу проблеми. Но, набрзо му станало јасно дека понатамошното образование не е она што го интересира, па на само 17 години се преселил во Холивуд. Таму нашол работа како аниматор во студиот MGM и се придружил на една актерска дружина.
Проба во А-лигата
Иако веќе имал остварено еден куп улоги во филмови и телевизиски серии, вратата во првокласната лига во Холивуд му ја отворила улогата во култниот класик од 1969 година „Easy Rider“, за која ја заработи и првата номинација за Оскар.
Тоа било време на големи промени во Холивуд, а филмот на Денис Хупер, според сценарио на Питер Фонда, стана гласник на новата ера во која доминираа некои нови актерски ѕвезди и филмови кои, тематски и стилски, биле поразлични од она на кое „мејнстрим“ публиката од тоа време била навикната. Џек почнал да се зближува со ѕвездите и притоа развил доживотна склоност кон марихуаната за чија легализација отсекогаш се заложува и бори.
Се преселил на Малхоланд Драјв, каде живее и ден денес. Соседи му биле Марлон Брандо, Ворен Бити и Џим Морисон, па не е ни чудно што таа улица ја викале и „Bad Boy Drive“ (Улица на лошите момчиња). Посебно пријателство имал со култниот „гонзо“ новинар Хантер С. Томпсон и со Роман Полански, во чиј филм „Chinatown“ од 1974 година имаше главна улога.
Пријателството со Полански е исполнето со многу пикантерии. Кога членовите на „Семејството Мејсон“ во 1969 година ја убиле Шерон Тејт и гостите на нејзината домашна забава, Џек бил огромна поддршка за Роман. Но, истовремено, сета таа ужасна приказна толку го преплашила, што решил да спие со чекан под перницата.
Со Полански го врзува уште едно непријатно искуство. Токму во домот на Џек, Полански силувал малолетничка поради што и денесе омразен и прогонет од Холивуд. Секако, Николсон во тоа време не бил во својот дом, туку на скијање, а Полански ја користел неговата куќа.
За среќа, таа случка не се одразила негативно на Николсон, но тој и самиот својски се потрудил да си ја обезбеди титулата на холивудско лошо момче. Комичарот и актер Робин Вилијамс во една прилика се пошегува дека Џек е единствениот човек кој го има чуено Кит Ричардс како вели: „Сега морам да си одам дома“.
Жени, алкохол и дрога
И покрај разузданите забави и лумпувања, секогаш бил крајно професионален и често знаел да каже: „Што се однесува до моето лумпување, постои дисциплина. Никогаш не сум ја оставил камерата да ме чека“.
Од друга страна, таа дисциплина му недостигала кога станува збор за љубовните врски. Се венчал само еднаш, и тоа за Сандра Најт во 1962 година. Со неа ја има ќерката Џенифер. Сандра го напуштила после шест години. Најдолгата врска ја имал со актерката Анџелика Хјустон, со која, вклучувајќи ги и прекините, заедно биле 17 години.
Се зборува дека спиел со над 2.000 жени. Ако се земе во предвид оваа висока бројка на различни сексуални партнерки, може да се каже дека бил релативно прилично внимателен во тие задоволства, бидејќи има само пет деца. Актерката Сузан Анспах му го роди синот Калеб, а со моделот Вини Холман ја има ќерката Хани. Од врската со актерката Ребека Брусард ги има Лорејн и Реј.
Љубовта на неговиот живот…или нешто слично
Сепак, изгледа дека Анџелика била најблиску до она што може да се нарече „љубовта на неговиот живот“. Или барем била најтолерантна и најтрпелива во неговиот живот. Хјустон во својата автобиографија наброја цела низа неверства и понекогаш брутално посрамувачки ситуации кои ѝ ги приредил Николсон. Иако и самата тврди дека тој никогаш категорично не ѝ ветил верност, вели дека наивно очекувала дека ќе стапат во брак и ќе му роди деца. Тоа никогаш не се случило.
Тој во меѓувреме имал деца со други љубовници, таа наоѓала пораки, накит и облека од неговите „прилежници“, тој продолжувал да се швалерисува насекаде и тоа без престан. Една од најнеугледните и најнепријатни ситуации била онаа на филмскиот фестивал во Кан.
„Убави Французинки доаѓаа на мотори и го прашуваа дали сака да оди со нив. Секако, нему му годеше вниманието на жените и заминуваше. Седна на моторот и замина, ме остави сама на плоштадот. Во солзи си заминував во хотелот“, се потсетува Хјустон.
Сите тие неверства на крајот ја скршиле нивната долгогодишна врска. Хјустон му раскинала физички нафрлајќи се на него. „Дивјачки го удирав по главата и рамената. Како боксер. Ми рече ’по ѓаволите, имам модрици по цело тело‘, а јас само му вратив ’нема на што, Џек, си заслужи‘. На крајот само се насмеавме“.
И покрај сè, жените го обожаваа, а своите авантури ги продолжи во шеесеттите години од животот. Неговиот пријател Мајкл Кејн, во едно интервју во 1998 година, изјави: „Ако се дружите со Џек, понесете си стара облека и тешки чизми, бидејќи жените ќе ве прегазат обидувајќи се да дојдат до него“.
А Николсон самиот се пошегувал на своја сметка: „Кога носам очила за сонце, јас сум Џек Николсон. Без нив сум дебел шеесетгодишник“.
Враќање на актерството?
Во едно интервју во 2012 година значајно изјавил дека веќе не сака да биде женкариште, но тоа очигледно не го спречи пред пет години, во доцните седумдесетти години од животот, да се обиде да ја заведе (онака, „колегијално“, во шега) 54-годишната колешка Џенифер Лоренс.
„Би сакал уште една, последна романса. Но, не верувам дека ќе се случи тоа. Не можам веќе да им се додворувам на жените во јавност, не ме личи на мои години“, изјави Џек.
На стари години ужива во играње голф, колекцијата уметнички дела и млекото. „Никогаш не би се жалел на мојот живот. Не е дека ми недостасува друштво“, вели тој.
Се поставува прашањето дали воопшто ќе се врати во актерските води. Тоа е малку тешко да се одговори, бидејќи неговото враќање во филмот е уште во фаза на подготовка. Станува збор за американскиот римејк на германскиот филм „Toni Erdmann“, во кој Николсон би требало да го игра таткото Кристен Виг. Дали тоа воопшто ќе се случи – тешко е да се каже. Но, сигурно е дека ова е едно од најпосакуваните враќања во историјата на филмот.