Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Случајот со директорката Анета Петровска на градинката Детска радост во Автокоманда и упорноста на министерката за труд и социјална политика таа да остане на челната позиција од оваа установа го зголеми револтот и реакциите на незадоволство кај родителите кои во писма до јавноста велат дека не сакаат нивните деца да одат во градинка чија директорка е под сомневања за злоупотреби.
Во денешното писмо до медиумите родителите испратија документи преку кои се гледа дека директорката имала пари за службени (или приватни) ручеци главно во пицериите Енрико и Боними, со назнаки во фактурите дека понекогаш храна се носело и за дома. Истовремено, велат родителите, ние сме приморани да носиме сапуни, тоалетна хартија, влажни марамици за потребите на градинката, пренесува МКД.мк.
Во испратените документи има фактури за набавка на мебел, која не била во годишниот план на градинката, за што управниот одбор требало да донесе одлука за дополнување на финансискиот план за 2021 година.
Во прилог се и фактури од угостителски услуги кои директорката ги реализирала во работно време, а најчесто и по завршување на работното време.
Според родителите, во патните налози за користење на службеното возило честа дестинација била и Петровец, местото каде што живее директорката.
Со пари од градинката се вршело секојдневна набавка на производи кои не се за децата, туку за менаџментот за градинката, тврдат родителите.
Тие најавуваат дека од понеделник официјално ќе почнат со нивните планирани активности за искажување на незадоволството од повторното именување на директорката.
По направената ревизија на работата на градинката градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски, најпрво ја разреши директорката, по што министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска ги одзеде надлежностите на општината за работата на градинката и повторно ја врати Петровска на директорското место.