Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Уста пуста затворете, да не каже оти боли“ – овие стихови од Рацин како некоја вистина и судбина доаѓаат на ум веднаш кога погледот ќе ви се сретне со очите од оние два трагични лика со прекриени усти од омотот на „Русилово“ од еден од најдобрите музички „алхемичари“ кој мачнината на емоционалната болка знае да ја „претопи“ во магија на музичката енергија.
Токму ваков албум, како „Русилово“, се добива кога емоцијата на болката ќе добие форма, преточена во музика, а стерната на тоа емоционално водиште кое лесно го нагризува телото, уште полесно умот, но многу тешко духот, е некаде под Кајмакчалан, меѓу рушевините од селцето Русилово (старото), и таа болка е измешана со ехото од гласовите и имињата кои некогаш судбинувале меѓу тие ѕидови, како некои безвременски шептачи на правечната вистина од illo tempore, кои ја пејат „Песната на непремолкот“.
Со „Русилово“ Донев најубаво покажа и докажа дека ако „устата премолчи дека боли“, жиците и инструментите не знаат за таков премолк. Не ја познаваат умртвувачката вјарменост од таква „забрана“.
„Русилово“, како емоција, е сведоштво и духовен тестамент за една колективна трагедија која, извадена од политички и општествено-уредувачки контекст на разулавените најниски човечки пориви како первертиран платонов концепт за homo politicus, нема апсолутно никаква, ама баш никаква смисла. И токму заради лишеноста од онтолошка и епистемолошка смисла на една разулавеност како филозофски празна форма, заради таа бесмисленост на едно безумие, сврделот на болката задира до најсредето. Задира до најмекото, распретува во најпритаеното, за од таму да првне тивкиот здив на непокорливиот дух. Дух кој од емоцијата ја раѓа формата на болката, наречена „Русилово“.
Да се биде убеден дека формата на името ќе ја смени и згасне и содржината на духот, какво што убедение имало тоа разулавено безумие во тоа безвреме, е отсуство на грам логичка чистота и апсолутна доминација на неразумноста. Дали Ксантогија ќе му даде друг дух на Русилово? Дали плитарските ѕидови ќе добијат нова форма, нов изглед? Дали со празната форма на именувачкиот концепт ќе се „превоспита“ емоцијата? Дали Костас Теодору е подобар музичар од Дине Донев? Без да упатуваме на јасниот одговор на овие повеќе реторички отколку логички прашања, ќе потенцираме дека само голата пракса на политикантството подразбира и познава такви апсурдни собитија.
Како музичка форма на болката, „Русилово“ е естетски аџилак на духот. Патување кое од трнливите и горливи спомени на „гласовите од минатото“, преку револтирачкиот пркос на креативноста, го носи духот до спокојноста на ослободувачкото себеспознание. И токму заради оваа негова надестетска димензија, „Русилово“ секогаш повеќе се слуша како емоција, отколку како форма.
Во изведбата со најтрогателен глас и чувство на една традиционална песна од „Пенелопа од Ксантогија“ се синтетизирани сите претходно споменати стадиуми на духовното патешествие наречено „Русилово“. Има најдлабока онтолошка трагичност на ослободувањето во гласот од Пенелопа од Русилово на крајот од песната кога му вели на Дине: „Толку. Знаев многу убави песни. Сè сум заборавила Костас“.
Баш заради тоа, „Русилово“ е истовремено и „Реквием“ и торжествена ода на тие судбини, незамолклива естетика на трагедијата, најдлабока музика изродена од најголема болка.
Русилово (старото) не е мртво. Барем додека е жив Дине Донев. А ќе остане да живее и после него, вечно, оти ќе остане музиката. А таа е вечна форма.
Текст: Александар Еленин