Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во рамки на денешната нова рунда преговори за приближување на ставовите на Македонија и Грција во контекст на решавањето на деценискиот спор околу името на Македонија, за разлика од Грците, во Австрија од страна на Македонија како претставник, според досегашните информации, отпатувал само Никола Димитров.
Во подготовка за денешната најавена нова рунда разговори околу наметнатиот спор за името од страна на Грција остана нејасно кои се членовите на македонската делегација што ќе отпатуваат на состаноците во австриската престолнина. На средбата во Виена овој пат ќе биде присутен и посредникот на ОН, Метју Нимиц. Во недостиг од официјални информации од МНР за средбата, според сознанијата досега објавени во медиумите, Димитров за Виена отпатувал сам, односно во присуство на потесниот круг соработници, без дипломати, советници, експерти, академици или познавачи на проблематиката, пренесува Нова Македонија.
За разлика од Македонија, каде што тимот се дооформува, во Грција луѓето што се вклучени во советодавните предлози на тамошната влада и се директно поврзани со спорот за името се одамна познати, не се менуваат со години и се истакнати судии, дипломати, професори, доктори на науки итн. Во таа насока информациите во грчките медиуми се дека во грчката влада задолжени за прашањето за името што се подготвувале да отпатуваат за Виена се и браќата Евангелос и Георги Калпадакис, првиот директор на дипломатската канцеларија, а вториот директор на канцеларијата на МВР на Грција. Според тамошните пишувања, не е исклучено за Австрија да заминат и портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос и Екатерини Кока, директорка на дипломатската канцеларија. Ова се инаку луѓето што ги подготвуваат материјалите и брифинзите за шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, премиерот Алексис Ципрас и поранешниот преговарач Адемантиос Василакис и кои речиси стандардно патуваат во делегациите на грчкото министерство за надворешни работи или Владата.
Од друга страна, пак, во последниот период низ домашната јавност проструи веста дека по тргањето настрана, односно изолирањето на досегашниот преговарач Васко Наумовски, кој беше поставен од претходната политичка гарнитура, ќе се ангажираат и вклучат нови стручни лица за преговорите за спорот со Грција и дека премиерот Зоран Заев контактирал и со членови на МАНУ, дипломати и претставници на дијаспората за мислење за проблемот. Но засега сѐ уште е нејасно кој друг, всушност, освен Заев и Димитров, е директно вклучен во целиот овој процес. Одговор на овие прашања неодамна побаравме директно од Владата и од МНР.
Грчкото МНР објави фотографии од денешната нова рунда преговори за името меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас. Од фотографиите се гледа како министрите пред почетокот на разговорите низ смеа се ослободуваат од напнатоста.
Разговорите овој пат ќе се одвиваат под покривот на австриското Министерство за надворешни работи, па друштво на министрите им прави и нивната колешка, шефицата на австриската дипломатија, Карин Кнејсл.