Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
„Едниот наш екстрем е по секоја цена во ЕУ, додека другиот екстрем е да ги баталиме ЕУ и да си бараме други партнери“, изјави синоќа за ТВ Сител поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров за тоа дали треба да ја менуваме стратегијата во разговорите со Бугарија.
Димитров рече дека бугарскиот претседател Румен Радев брутално, дрско и безобразно кажа дека македонскиот идентитет се темели на фалсификат или е вештачки.
Коментирајќи ја вчерашната посета на еврокомесарот Оливер Вархеји, Димитров рече дека е невообичаено тоа еврокомесар да не даде изјава за јавноста и медиумите по средбите со македонскиот државен врв во Скопје.
„Важно е официјалните лица што доаѓаат од ЕУ да имаат контакти со јавноста, не само со политичарите. Еврокомесарот по дефиниција ни е најдобар пријател и било каков исчекор треба да е заеднички. Но со него немав баш такво искуство, затоа што солираше и поставуваше свои предлози наклонети кон бугарската страна. Реагирав на таквиот однос во повеќе наврати како поединец. Важно е јавноста да знае дека немавме голема помош од неговите напори. Некои дипломати од западните земји-членки на ЕУ мислат дека ќе го решевме ова да не беа паралелните предлози на Вархеји“, изјави Димитров.
Според него во овој еврокомесар сме немале сојузник.
„Ги поздравувам неговите изјави дека е разочаран, но дел од неговите активности се причина зошто немаме успех“, вели Димитров.
„Мора да се бориме за вистинска европска игра. Не може некој нас да ни го дообјаснува македонскиот јазик. Не може во преговарачката рамка историјата да биде поважна од борбата против корупцијата. Мораме да направиме политика која што ќе покаже дека ветото е штетно и за Бугарија. Ние сме тие што ни се брза, ние сакаме да правиме чекори, а сигналот е ќе дојдат на нашето. Затоа мораме да почнеме да употребуваме зборови кои што ја отсликуваат реалноста. Во моментов политиката на Бугарија кон нас не е пријателска, оти со вакви пријатели не ни требаат непријатели. Кога ќе кажат македонскиот идентитет е фалсификат мора да викнеме дека е тоа безобразно, дрско, засрамете се“, рече Димитров.
Тој додаде и дека „мора за оваа приказна да се информираат партнерите на Македонија во ЕУ во регионот, Американците и сите други кои што се заинтересирани ова да успее“.