Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Речиси седумчасовниот дијалог Димитров-Коѕијас со посредство на Нимиц, резултираше со штуро соопштение од шест реда, кое идентично беше објавено во двете земји. Неофицијално, на средбата не е направен исчекор, пренесува Дојче Веле.
Нема поместување во позициите. Неофицијално, според дипломатски извори, вака завршила вчерашната маратонската рунда разговори во Виена меѓу шефовите на дипломатиите на Грција и Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров. Тие во австриската престолнина имаа две средби: една завчеравчер, на која претходно самите се обиделе да ги приближат ставовите за дел од спектарот прашања кои произлегуваат од спорот за името, а вчера имаа средба и во присуство на посредникот од ОН, Метју Нимиц. Средбата започна во 9.30 часот, а заврши со во 16.40 часот, со заеднички ручек и без изјави. Епилогот од седумчасовните разговори се сведе на штуро соопштение од шест реда, кое идентично беше објавено во двете земји.
„Денеска (13.2. – н.з) во канцеларијата на ОН во Виена, личниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц, имаше заедничка средба со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров и со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас. По конструктивната средба која е дел од напорите за наоѓање на заедничко прифатливо решение за надминување на разликата околу името, министрите за надворешни работи се согласија да ги продолжат напорите под покровителство на ОН“, се вели во соопштението.
Опсегот – кочница
Како што е познато, грчката и македонската позиција се разидуваат најмногу по прашањето за опсегот на новото име.
„Нашата позиција е јасна. Сложено име за севкупна употреба. Кога велиме за севкупна употреба, мислиме и на негова внатрешна употреба во соседната земја. А кога велиме за севкупна употреба, предуслов е промена на Уставот“, ги повтори грчките позиции вчера во тв-интервју, Нектариос Санторинос, заменик- министер за поморство, потенцирајќи дека Атина нема да отстапи од тие позиции.
Грчката страна инсистира на опсег „ерга омнес“ – за сите и за севкупна употреба, а согалсно со тоа – и на уставни промени, бидејќи во тоа гледа гаранција за трајно решение, односно дека некоја друга влада во Македонија нема да го менува постигнатиот договор. Македонската страна, пак, е децидна дека решение на спорот е можно без уставни промени, бидејќи тоа решение ќе биде формализирано со договор депониран во ООН, а гаранциите за негово почитување ги нуди членот 118 од македонскиот Устав кој вели: „Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“.
Вчерашната рунда разговори во двете земји беше најавена како почеток на клучниот и најжешкиот дел од преговарачкиот процес. Со оглед на тежината на прашањата кои се тема на разговори, слични „маратони“ интензивно ќе следат и во наредниот период. Се очекува разговорите Димитров-Коѕијас да продолжат и на маргините на Гимних, неформалниот состанок на Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и на земјите-кандидати за членство, кој утре и задутре ќе се одржи во Софија. Министерот Никола Димитров веќе од денеска (14.2) престојува во Бугарија, каде ќе има средби со бугарскиот претседател Румен Радев и со премиерот Бојко Борисов. На денешната средба со министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, двајцата ќе извршат размена на ратификациските документи на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Спорот меѓу двете земји ескалираше веднаш по прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија. Грција го блокираше приемот на земјата во ОН и признавањето од страна на Европската заедница и покрај позитивната препорака од т. н. Бадинтерова комисија.
Засега нема информации како напредува нацрт- догповорот со Грција и кога би се одржале средбите со Коѕијас на маргините на Гимних. Грчки медиуми пишуваат дека од почетното усогласување околу нацрт-договорот со Грција, ќе зависи како ќе продолжат разговорите во Софија и дали Коѕијас наскоро ќе пристигне во Скопје со лет од Атина, првпат по промената на името на аеродромот. Не е исклучена и можноста да има уште една средба меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. Според владини извори, заложбата на двете земји е решение да биде постигнато до крајот на март, но ако разликите не бидат надминати дотогаш, разговорите ќе продолжат и во април и мај, можеби и со учество на некој дипломатски „тешкаш“.
Трета средба
Сите грчки медиуми денеска го пренесуваат соопштението од средбата во Виена. „Прототема“ нотира дека иако средбата Димитров -Коѕијас во Виена е опишана како ‘конструктивна’, но ништо не се знае за содржината на овие маратонски разговори.
„Во соседната земја, според атмосфeрата што ја пренесуваат локалните медиуми ‘постои едногласна согласност да се најде заеднички прифатливо решение што е можно поскоро’ (…) На маса во моментов е прашањето на Уставот и посебно како ќе се реши проблемот, можеби преку меѓународен договор. Тоа е она што ќе се дискутира на третиот состанок на оваа недела, овој пат во Софија“, пишува „Прототема“, и потенцира дека за ова прашање македонскиот премиер во Анкара побарал и добил јавна дипломатска поддршка од Турција.
Според „Катимерини“, „…и покрај оптимизмот што порасна во последниве неколку недели, Скопје изрази позиции, кои е многу тешко да бидат прифатени од страна на Атина – поточно, пораките за ‘македонскиот’ идентитет и против промена на Уставот на Република Македонија“.
Речиси сите весници пренесуваат дека македонските Албанци го оспоруваат предлогот за ново име на државата – „Горна Македонија“ без превод. Покрај изјава на Зијадин Села во таа насока, го цитираат и Артан Груби, кој по средбата со медијаторот Нимиц викендов порачал дека името мора да го одразува мултиетничкиот карактер на земјата. Притоа пренесуваат и дека Форумот на албански интелектуалци во Македонија испратил писмо до меѓународните институции и до Нимиц, барајќи предлогот „Горна Македонија“ да биде отфрлен како неприфатлив без превод, „бидејќи ги исклучува Албанците и втората најголема заедница во земјата“.