Димитров и Заев денес со формално известување до Иванов за договорот со Грција


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Денес во 10 часот, премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров формално ќе го информираат претседателот Иванов за договорот кој е постигнат со Грција во врска со спорот за уставното име на Македонија кој речиси три децении го водат двете земји.

Вчера Ципрас изјави дека е постигнат успех со прифаќање на грчките услови за географска одредница и ерга омнес, а Заев дека е зачуван македонскиот идентитет и јазик. Деталите од договорот следуваат денеска или утре.

Според официјалните изјави на двајцата премиери договорено е новото име на Македонија – Република Северна Македонија (Republic of North Macedoniia) кое ќе биде за внатрешна и надворешна употреба. Тоа подразбира и уставни измени. Македонскиот премиер вели дека македонскиот јазик во договорот ќе стои без фуснота, онака како што е потврден од ООН.

Во графата националност ќе стои македонска/граѓани на Северна Македонија (Macedonian/Citizens of North Macedonia).

Новото име ќе почне да се употребува откако договорот со Република Грција ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји. Грчкиот парламент тоа треба да го стори до крајот на годинава, а македонскиот по потпишувањето кое е можно да се случи веќе до крајот на неделава во Преспа. За домашна употреба новото име Република Северна Македонија ќе почне да се употребува постепено, како што ќе се отвораат поглавјата од преговорите за членство во ЕУ, но не подоцна од пет години од потпишување на договорот.

Во договорот во неколку делови јасно ќе стои дека се одвојува историјата, културата и наследството на античкото од словенското.

Промените во Уставот ќе треба да почнат да се спроведуваат по евентуален успешен референдум (крај на септември или почеток на октомври). До крајот на годинава Грција ќе треба да го ратификува и протоколот за полноправно членство на Македонија во НАТО.

Грција во јуни треба да испрати писмо до ЕУ и НАТО дека нема веќе пречки за евроатланските интеграции на Македонија. На 28 јуни Македонија треба да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија, а на 12 јули покана за членство во НАТО.