ДИК ја продолжува седницата за приговори во 11 часот


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Државната изборна комисија (ДИК) синоќа едногласно го отфрли приговорот на СДСМ, кој се однесуваше на постапката за утврдување на резултатите од гласањето на избирачкото место 2.016.  Последниот приговор на СДСМ ќе биде разгледуван денеска, на седница закажана за 11 часот.

За приговорот на СДСМ за гласачкото место 2.016, ДИК на вчерашната седница донесе одлука да се изврши увид на целокупниот изборен материјал од избирачкото место, по што членовите на Комисијата ја отворија вреќата со гласачките ливчиња. Броењето покажа дека бројот на гласови се совпаѓа со оној наведен во записникот од избирачкото место.

На денешната седница ДИК ќе треба да одлучи дали ќе се повтори гласањето на избирачкото место 0396/1, во Гостивар, Изборна единица 2. Одлуката ќе се донесе врз основа на статистичките податоци кои треба да покажат дали тие гласови би можеле да влијаат на изборниот резултат. Ако износот на гласови би можел да го смени резултатот, ДИК ќе донесе одлука за прегласување.

Коалицијата предводена од СДСМ до ДИК поднесе вкупно 8 приговори. Од нив, пет беа одбиени од ДИК, а два беа повлечени од претставникот на СДСМ и коалицијата. Исто така, ДИК вчера го прифати приговорот на Беса и го поништи гласањето на едно избирачко место во Гостивар, каде друго лице се потпишало на местото на Фатиме Сулејмани. Ова беше констатирано, вештачено и од официјален графолог.

Инаку, додека траеше вчерашната седница, и ДИК расправаше за приговорите, пред зградата толпа членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ повторно протестираа за, како што велат, одбрана на изборниот резултат. Уште од 12 часот се собраа, потоа беше блокирана улицата „Св.Кирил и Методиј“, а пред ДИК одекнуваа пукотници од огномети и од пиротехнички средства. Исто така, насобраните граѓани палеа и огнови и скандираа. Не е исклучено и денеска да има нов собир.