Дигиталната верзија на Толковниот речник на македонскиот јазик достапна за „он-лајн“ користење


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


По повод одбележувањето на Денот на македонскиот јазик – 5 мај, како и стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, во просториите на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, денес беше промовирана веб-платформата www.makedonski.gov.mk – дигитална верзија на Толковниот речник на македонски јазик.

Директорката на институтот, Јованова-Грујовска, во своето обраќање нагласи дека дигиталната платформа ќе може да ја користат сите граѓани, научници, проучувачи и почитувачи на македонскиот јазик. Истовремено таа додаде дека толковниот речник ќе може да се користи со пребарувач и ќе има можности за надградба.

Јованова-Грујовска во своето обраќање посочи и на проблемите, но и прогресот на институцијата во текот на годините.

„Нема поголема сатисфакција за еден научник од неограничената достапнатост на животното дело. Пред две години на првото чествување на денот на македонскиот јазик, посакавме достоинствени плати, возобновено финансирање на научните проекти, дигитализација на картотеките, електронско издаваштво, електронско издание на Толковниот речник и вработување подмладок. Во меѓувреме, добивме минат труд и се изедначивме со платите на професорите на Универзитетот, со МОН ја финализиравме постапката за финансирање на проекти, со Министерството за култура започнавме процес за дигитализација на картотеките на Институтот како национално богатство, на веб-страната на институтот ги објавивме сите книги од едицијата „Јазикот наш денешен“ и повеќе броеви од списанијата „Македонски јазик“ и „Македонистика“, нагласи таа, дополнувајќи дека се забележува насушната потреба од научен подмладок.

Го направивме речникот од патриотски причини, среќа не го пишувавме на машина за пишување

Професорката др. Снежана Велковска, раководителка на електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик, во своето обраќање ги нагласи проблемите со кои се соочувале при креирање на Толковниот речник, како недостаток на кадри и технички средства, немањето на македонски фонтови но и соочувањето со протекувањето на материјалот, при што дел се јавил на интернет.

„Никој не најде за сходно да не заштити. Нашиот речник е отпечатен само во 1000 примероци што е ништо кога се работи за вакво издание како што е толковниот речник. Се разбира луѓето почнаа да го користат и цитираат дигиталниот речник, а нас да не забораваат“, истакна таа.

Велковска го нагласи и фактот дека ни во печатеното издание, ниту пак сега, не се вклучени експерти од разни области, кои би се изјасниле по прашањето од нивниот домен.

„На пример, во словенечкиот речник се наведени стотина имиња од стручњаци од агрономија, зоологија, физика, хемија, економија, медицина, кои го прегледале материјалот од нивните области и тука доашаме до прашањето за меѓуинституционална соработка – нешто што недостасува кај нас. За да се толкува една лексема, треба да се има сознание за неа“, истакна раководителката.

Премиерот Зоран Заев истакна дека дигиталниот Толковен речник, со преку 100.000 зборови, им стои на располагање на сите што сакаат да го користат македонскиот јазик, додавајќи дека веб- платформата е во сопственост на граѓаните и ќе се надоградува од граѓаните, академската и научната заедница, и понатаму останува под стручен надзор и развој на Институтот за македонски јазик

„Тоа значи дека платформата понатаму ќе се развива заедно со сите научни работници, лектори, македонисти и други научници кои низ својата интердисциплинарна работа опфаќаат лингвистика, и кои ќе можат редовно да го ажурираат речникот, да го дополнуваат и менуваат, за истиот да расте и да се развива“, нагласи Заев.