Дибала ги потона бродовите на Росонерите – ова го може само Јуве!


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Милан секап не издржа, а Јувентус славеше уште една победа во големото италијанско дерби од кое, повторно, главна тема ќе биде судењето, а навивачите на Росонерите ќе бидат бесни на судијата Давиде Маса и неговите помошници.

Старата дама триумфираше со 2:1, победа до која дојде со гол на Пауло Дибала од пенал во шестата минута од судиското продолжение.

Делуваше дека во првиот меч од 29-то коло од Серија А, гостите од Милано ќе однесат доста вреден бод, а малку недостигаше и голманот Џанлуиџи Донарума да го понесе епитетот херој на вечерта. Одбрани „милион зицери“, но не и силниот удар на Дибала од белата точка после играњето со рака на Матија де Шиљо. Иако, останува отворено прашањето дали во ваква ситуација на некој друг клуб би му било досудено пенал во судиското продолжение.

Јувентус имаше целосна доминација на натпреварот, меѓутоа имаше и огромни проблеми со играта во завршниците од акциите. Додуша, во 30-та минута резервниот стопер Мехди Бенатиа успеа да избегне офсајд замка, се најде очи в очи со Донарума и во стилот на расен и прекален центарфор, ја прати топката во мрежата.

И пред и потоа, како на лента се редеа шансите за Старата дама. Но, залудно. Затоа, пак, Милан ја искористи една од вкупно трите сериозни шанси кои ги имаше во целиот натпревар.

Во 43-та минута Џерард Делуофеу му асистираше на Карлос Бака, а овој без никаков проблем ја смести топката зад грбот на истрчаниот Џанлуиџи Буфон. Едноставено речено, Росонерите успеаја да го начекаат Јувентус подзаспан и така да му зададат доста причини за грижи на Масимилијано Алегри.

Росонерите натпреварот го завршија со играч помалку, бидејќ Хозе Соса во судиското продолжение заработи втор жолт картон и беше исклучен.

Конечен резултат: Јувентус – Милан, 2:1 (1:1)

Бенатиа 30, Дибала 90+7 – Бака 43.