Џони Штулиќ: „Јас сум еден голем патник“ – честит 65-ти роденден, мајсторе!


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Денес е 65-от роденден на Бранимир Џони Штулиќ. По тој повод, ви пренесуваме едно интервју со него од 1982 година во кое говори за музиката, дискографијата, општеството и страдањето.

Јули, 1982: За соговорник го одбравме Бранимир Џони Штулиќ, лидер и гитарист на загрепското трио „Азра“, чии два нови дискографски производи излегуваат овие денови – двоен албум со 27 песни и сингл плоча со три песни (под заедничко име „Филигрански плочници“).

Оспоруван, фален и напаѓан

Прашај сè што сакаш, јас немам влакна на јазикот.

Се зборува дека си побрзал со снимањето на новиот материјал додека фамата околу „Азра“ е уште жешка, за да собереш што повеќе пари?

Тоа е најобична лага. Иако ме заболе *** кој и што зборува за мене, веројатно на сите им е јасно дека „Азра“ не постои заради пари, туку заради идеи. Никогаш како музичар не сум трчал по пари, особено што парите како платежно средство не ми се привлечни.

Всушност, од „Азра“ до денес финансиска корист имаа само други – „Југотон“, даночниците… Кој сака чесно да гледа на нештата, ќе забележи дека тоа е нешто очигледно. Затоа денес на прсти се бројат оние кои вредат и кои не ја изневериле целата работа.

Љубљански „Панкрти“, риечки „Параф“ и ние сме единствените кои нешто вредат на домашната рок сцена, сите други се преваранти. Токму тоа – преваранти.

Ти како човек-музичар си оспоруван, фален, напаѓан…

Ма сето тоа го напумпаа рок критичарите, особено оние во Загреб кои очигледно го губат компасот, прават заткулисни работи, а ни самите не знаат што сакаат. Ми префрлаа дека сум лудак, дека сум своеглав, фолирант, дека сум добар поет, но слаб свирач…

Луѓето веројатно не знаат дека јас секогаш првин имам музика, па потоа го пишувам текстот.

Постојаните муабети за твоето наводно апсење се веќе досадни, невкусни…

Аман, батали го тоа! Како би се чувствувал ти некој да ти пријде и да те праша: Слушај, стари, кога те пуштија од притвор? Многу лаги кружат во овие наши курвински средини.

Кажуваш, а всушност не кажуваш

Твоите текстови се…

…Политички, аморални, незгодни…Знам што сакаш да кажеш. Сето тоа се бош муабети. Нема сомнежм дека постојат табу теми во кои како рок поет задирам на еден свој начин.

Сакаш да кажеш – двосмислен?

Па, отприлика така некако. Често кажувам, а всушност не кажувам, или не кажувам, а во суштина кажувам многу нешта. Затоа моите текстови добиваат на длабочина, а не во широчина.

Празните стомаци создаваат добри текстови…

Тоа го кажа Боб Марли, а јас би додал и добри боксери, борци. Јас сум еден од нив. Страдањето и очајот се голема мотивација за добар поет. Јас сум, како што гледаш, еден голем патник. Меѓутоа, тоа не е причина таквата состојба да се искористува.

Ниту љубовта, ако е чесна и искрена, не треба да се отфрла како добар поетски двигател.

„Азра“ некако не се вклопува во ниту еден постоечки правец…

Уф, тоа веројатно на сите им е јасно. Оној момент кога ќе почувствувам дека сме се вклопиле во некое врамување, во некој тек – се растураме. Знаеш, ние не сме забавувачи, циркузанти. Тоа им го препуштаме на другите. Целта на „Азра“ е да се избори за својата идеја и мисија.

Мислиш дека си успеал во тоа низ 68-те песни колку што ги сними за една година?

Стварно ме заболе за тоа – дали сум успеал. Битно е дека се обидов и дека зад сето тоа цврсто стојам како човек.

Забележал: Саша Гајовиќ (Halo u poverenju, 1982)