Џејсон Мико: Дали Македонија ќе ја загуби својата посебност?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Што прави една држава особена? Со што еден народ станува посебен? Дали овие нешта може да бидат загубени?, прашува аналитичарот Џејсон Мико во неговата најнова колумна.

Една од работите што прават држава уникатна е географијата – нејзиното место на планетата, нејзините пејсажи, планини, реки, езера, долини, полиња… се што има. Тешко е, дури невозможно овие нешта да се сменат. Оттаму, верувам дека Република Македонија нема да го загуби географскиот дел од нејзината особеност.

Но, што е со луѓето? Што ги прави Македонците да бидат посебни? Секако јазикот е една од особеностите. Но, што ако јазикот исчезне затоа што никој не го изучува, говори, не пишува или пее на него, не го користи во културата? Дали со тоа јазикот ќе почне да бледнее од сеќавањето, а со тоа, дали ќе се загуби и дел од македонската посебност? Мислам дека го знаете одговорот на ова прашање. Што друго ја прави Македонија посебна? Нејзината култура на пример. Иако културата е тешко да се дефинира, можеме да се согласиме дека таа ги подразбира историјата, традицитие, верата, музиката, поезијата, уметноста, па дури и нешта како спортот и други особености. Што се случува кога овие нешта ќе се хомогенизираат? Јас сум 100 проценти убеден во тоа дека капитализмот е најдобриот економски модел кој им помогна на милиони луѓе да излезат од сиромаштија, да создадат богатство и преку кој човештвото успеа да процвета. Преку капитализмот се намалија стапките на смртност, се крена животниот век, се елиминираа или драматично се намалија некои од најопасните болести и така натаму (статистиките го поткрепуваат сето ова). Но, капитализмот исто така може да внесе одредена едноличност во општеството. Дали Македонија ќе може да ја зачува својата особеност а во исто време да ја развие својата економија? Иако, прашање е како економијата воопшто ќе се развива под оваа влада.

Ги поставувам овие прашања бидејќи во овој текст сакам да го отворам договорот Заев – Ципрас од еден друг агол. Мислам дека се работи за исклучително лош договор кој беше потпишан без да се прашаат мнозинството Македонци или претседателот на државата за нивното мислење,и тоа е една од причините поради кои владата има проблеми во „продавањето“ на овој договор. Повеќето луѓе кои одвоиле време да го прочитаат овој договор на 19 страници разбираат дека, ако тој се имплементира, Македонија и македонскиот народ ќе бидат променети од корен – и тоа засекогаш. И не само тоа, од корен ќе се смени и македонското минато, преку ревизија и препишување на историјата и печатење на нови учебници.

Како ова ќе се одрази на посебноста на Македонија и на македонскиот народ? Секако нема да се смени физичкиот, географскиот пејсаж на историска Македонија (тоа беше направено со еден друг договор од 1913 година). Но, дали ќе се смени уникатноста на Македонците? Одговорот тука е едно гласно „да“. Како ќе се смени? Има многу начини на кои може да се чита капитулантскиот договор Заев – Ципрас, па тука ќе посочам само три нешта кои се многу важни и кои се однесуваат на историјата и културата.

Членот 6 од договорот посочува што е прифатлив, а што е неприфатлив говор. На пример, како што напиша еден коментатор на Твитер, Грција може да смета дека изјавата „мојата мајка беше родена во Лерин, Егејска Македонија“ е дел од „непријателските активности, акции и пропаганда“ и дека со неа „се поттикнува шовинизам, непријателство, иредентизам и ревизионизам“. Грците ќе бараат да се стави крај на ваквиот говор. Грчките барања ќе бидат упатени до приватни лица. Кога веќе не можете да кажете такво нешто, вашата особеност ќе се смени.

Во членот 7 од договорот се вели дека Македонциет имаат различни атрибути како што се територија, јазик, народ, историја, култура и традиција од грчката држава и од грчките „Македонци“. Ова донекаде е точно. Но, јасно е дека имало многу мешање на овие простори низ милениумите. Како ќе го разграничиме тоа? Што правиме, на пример, со грчкото тврдење дека Македонците смеат да се повикуваат само на историјата и културата кои се случиле во границите на денешна Република Македонија? А тоа секако ќе го бараат. Со тоа барање, фундаментално ќе се смени особеноста на македонската историја, култура, наследство и традиција.

Во членот 8 исклучително детално се наведува како сето ова што е договорено ќе се наметнува, вклучувајќи ја тука и забраната на симболот на Сонцето од Кутлеш во Македонија (ова конкретно се однесува на институциите и на јавните претпријатија, но Грција ќе го користи членот 6 да им ја наметне оваа обврска и на приватните лица). Членот 8 бара создавање на мешовите, интер-дисциплинарска комисија на експерти по историски, археолошки и образовни прашања кои ќе дојдат до објективни и научно засновани толкувања на историските настани. Оваа комисија ќе биде надгледувана од министерствата за надворешни работи на двете држави и ќе има право да ги ревидира учебниците, помошниот училишен материјал како што се мапите, историските атласи и наставните планови и ќе работи под однапред утврдени рокови, ќе се среќава најмалку двапати во годината и ќе поднесува годишен извештај за своите активности кои ќе треба да бидат одобрени од Високиот совет за соработка, кој ќе биде формиран согласно членот 12. Навистина би требало да го прочитате членот 8 во целост ако не сте го сториле тоа досега. Вака како што е напишан договорот, би било национално самоубиство за Македонија да го прифати и имплементира, бидејќи со него суштински се менува значењето на поимот македонски и што означува Македонија.

Мора да му се поништи легитимитетот на референдумот закажан за 30 септември, а најдобриот начин тоа да се стори е бојкот на референдумот. Владата и меѓународната лажат кога велат дека работете е „сега или никогаш“. Ова е момент кога Македонците треба да се кренат, да си ја одбранат земјата и својот народ, да запомнат дека Македонија може не само да преживее туку и да напредува, дека постојат и други алтернативи, и дека сето тоа може да се постигне со зачувување на својата уникатност, на македонската посебност.

пишува: Џејсон Мико за Свест.мк