Џафери „тропна со нога“ и ја свика „непослушната“ Комисија за надворешна политика


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Откако и денес, по четврт пат, беше одложена седницата на Комисијата за надворешна политика, на која министерот Никола Димитров требаше да реферира пред нејзините членови, претседателот на Собранието Талат Џафери, согласно неговите овластувања ја свика Комисијата на состанок за денеска, со почеток во 11.30 часот.

„Недозволиво е денешното повторно одложување на седницата на Комисијата, со образложение од претседателот на Комисијата дека пратениците согласно Деловникот се на одмор од 1 до 31 август, и дека претседателот Џафери, на средба со новинарите најавил дека од 1 август пратениците се на одмор. Член 5 од Деловникот е јасен, освен што го предвидел периодот за одмор, јасно во истиот член, став 1 потенцирал дека Собранието е во постојано заседание“, пишува во соопштението од кабинетот на Џафери.

Џафери за одлуката се повикува на Член 120 од Деловникот за работа на Собранието во кој е пропишано дека aко претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори, седницата ја свикува претседателот на Собранието.

На дневен ред на Комисијата се претставување на платформите за дипломатските активности на амбасадорите во Норвешка, Полска, Црна Гора и во Oбединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како и завршниот извештај на Пајо Авировиќ вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во државата Израел, за време на извршување на мандатот (3 март 2014 година – 28 февруари 2018).