Детектирани 30 предмети поврзани со евентуални криминали на Мерко – повеќето „заминати во историјата“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Македонската Комисија на Јавното обвинителство (ЈОРСМ) изврши вонреден надзор над работата на обвинителствата во Струга и во Битола, како и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, каде се водат предмети поврзани со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и со општината со која што раководи.

Под „лупа“ на комисијата се 30 предмети, од кој најстарите завршени постапки датираат од 2006 година. За оние постапки коишто се во тек, испратени се укажувања до јавните обвинители во однос на нивното постапување, пренесува Дојче Веле.

Длабинските контроли следат откако американскиот Стејт департмент го стави на црната листа поради сериозни наводи за корупција. Откако Судскиот совет информираше дека ќе изврши проверка на наводите дека е вршено влијание врз одредени судски постапки, ЈОРСМ најави дека итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание, тие најавија дека ќе се поведе постапка за одговорност.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко се огласи само еднаш, преку социјалните мрежи, каде порача дека ќе соработува со институциите и ќе ја предаде секоја документација.

Спорни предмети

Основното јавно обвинителство Струга води четири предмети против Марко оформени од почетокот на годинава, а постапува и во два предмети во предистрага од 2021 година кои се однесуваат на конкретни проекти на Општина Струга. За други четири предмети во работа (2 од 2019 и 2 од 2022), јавните обвинители кои преземале дејствија добија укажувања и насоки со цел дополнително да се динамизира постапувањето.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има во работа вкупно 5 предмети. Меѓу нив е и предметот со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и извештај на Државниот завод за ревизија, и во кој е донесена Резолуција за еден дел од наводите. Меѓутоа останатиот дел уште е предмет на проверки. На надлежниот јавен обвинител му се дадени насоки за натамошно постапување во овој предмет.

Вишото јавно обвинителство Битола во следниот период ќе треба да врши зачестени контроли и да го следи постапувањето во сите предмети против избрани и именувани лица во основните јавни обвинителства во своја надлежност.

Мерки и упатства

За време на извршениот надзор, членовите на Комисијата разговарале и со обвинителите околу тоа дали имале какви било притисоци во постапувањето и дали се соочуваат со проблеми при водењето на постапките. Од нив во наредниот период ќе се бара да бидат поажурни во постапувањето и да го пријавуваат секој обид да се компромитираат постапките што се водат.

Притоа донесени се и дополнителни мерки со цел јакнење на отпорноста на јавнообвинителскиот систем и ажурноста на јавнообвинителското постапување: Меѓу другото, државниот јавен обвинител најавува дека ќе иницира средба со МВР, Финансиската полиција, Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата и други надлежни органи и институции, со цел активирање на национален фронт за борба против корупцијата. Ќе се иницира и средба со Здружението на јавните обвинители за да се разгледа можноста да се воспостави канал за пријавување на обиди за притисоци и влијанија врз јавни обвинители. Со тоа ќе се отвори можност за пријавување и од граѓаните, од другите институции, но и од самите јавни обвинители.

„Во овој процес ја очекуваме поддршката од јавноста, но и од меѓународните институции и организации кои ја следат нашата работа. Толеранција на какви било облици на криминал нема и нема да има“, велат од ЈОРСМ.