Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Овие денови порталите се преполни со аферата во која епицентрално место имаат Фејсбук и Кембриџ Аналитика, а многу од медиумите предвидуваат дека ова е крај за социјалната мрежа.
И додека оние кои приказната ја следат од самиот почеток одлично знаат за што станува збор и што е проблемот, многу поголем е бројот на оние кои подоцна се вклучија во следење на аферата и не им е најјасно што точно се случува.
Поради тоа, ви пренесуваме еден мал водич низ овој скандал од светски размери за да знаете за што точно се работи.
Главно, SCL (Strategic Communications Laboratories) и нивната компанија која се занимава со анализа на податоци, Cambridge Analytica, привремено се отстранети од Фејсбук откако на површина исплива информацијата дека „добиле пристап до информации и податоци“ без согласност од одредени поединци.
Иако ова е накратко за аферата, истата е далеку покомплицирана, бидејќи на површина делува како класична привремена забрана, но импликациите се далекусежни, а вплеткан е дури и американскиот претседател Доналд Трамп. Оттука, најдобро е да се почне од самиот почеток. Чекор по чекор.
Што е Cambridge Analytica?
Накратко, станува збор за компанија која анализира податоци. Во зависност од изворот, некои ќе речат дека тие биле клучен фактор во два големи политички случаи – Брегзит и ненадејната победа на Доналд Трамп на претседателските избори. Од друга, страна, некои други тврдат дека станува збор за компанија кој и во двата случаи (но и во многу други) вешто продавала „гола вода“.
Во својата суштина, Кембриџ Аналитика не се разликува премногу од други слични компании, а нивната примарна функција е да ги претвори сировите податоци во сегментирани групи кои на огласувачите на рекламите или политичките партии им даваат подобар увид во тоа „како народот дише“. На пример, користејќи алатки за сегментација, на Трамп му помогнаа целно да влијае на неодлучните гласачи и потенцијалните републиканци во областите од интерес како што се секогаш проблематичните Висконсин, Мичиген или Пенсилванија.
Исто така, познатиот конзервативец Роберт Мерсер во 2013 година ги здружи силите со британската компанија SCL Group со цел да ги тестира нивните сознанија и методологии при тракта за местото гувернер во Вирџинија. Републиканскиот кандидат Кен Кучинели загуби на изборите. Но, тоа не го обесхрабри Мерсер, па ги здружи силите со директорот на SCL задолжен за избори, Алекс Ник, и заеднички ја основаа компанијата со име Cambridge Analytica (Кембриџ Аналитика). Оваа компанија, користејќи го сето она кое тие го научија за време на изборите во Вирџинија, создаде поквалитетен систем кој може да се користи во идните политички кампањи.
И тоа „запали“. А првата голема победа се случи во 2016 година, кога Велика Британија, на големо изненадување, одлучи да ја напушти Европската унија.
Само неколку месеци подоцна, Кембриџ Аналитика забележа уште една голема победа кога Доналд Трамп влезе во Белата куќа и тоа токму на крилата на паметно искористените податоци собрани од социјалните мрежи од кој најголем дел доаѓаа од Фејсбук.
И ова не е ништо ново. Огласувачите користат исти сознанија за да направат што подобра кампања во рамки на која во краток временски период ќе дојдат до целните групи. И да нема забуни, сето ова се општи места. Кој е проблемот? Начинот на кој е дојдено до тие податоци.
Што се случило?
Во текот на 2014 година Фејсбук на водителите на политичките кампањи почна да им ја рекламира својата моќ за спојување на кандидатите со потенцијалните гласачи на далеку полично ниво. Тие податоци, во најголем дел, беа безопасни. На пример, кои се регистрирани гласачи, каде живеат и нивните политички инклинации.
Кембриџ Аналитика ова го подигна на уште повисоко ниво, кога во 2015 година, под изговор дека собираат податоци за „апликација која ќе ја користат психолозите“, од Фејсбук побараа податоци од нивните корисници.
Доктор Александар Коган беше водач на тој проект, а апликацијата делуваше крајно импресивно. Сепак, не беше сето тоа така како што изгледаше.
Апликацијата ја симнаа над 270.000 корисници на Фејсбук, кои со само еден клик на апликацијата дозволуваа пристап до приватни информации како: што „лајкаат“, градот во кој живеат и слични, и до истите тие информации и податоци од своите пријатели. Да повториме, дозволија апликацијата да собира не само нивни лични податоци, туку и податоци за сите луѓе кои ги имаат во листата на свои пријатели.
За нештата да бидат уште полоши, Коган ги увери во Фејсбук дека податоците ќе бидат анонимни и дека ќе се користат само за потребите на истражувањата. Не само што тоа беше лага, туку добиените податоци Коган ги сподели со најмалку една трета страна во случајот – Кристофер Вили и компанијата Euonia Technologies. Со заеднички сили, тие создадоа база со профили за SCL и Кембриџ Аналитика. Сето тоа под плаштот на гаранцијата до Global Science Research и Фејсбук дека податоците ќе бидат анонимни.
За да дојдат до потребниот број корисници, Кембриџ Аналитика отидоа чекор понатаму, па ангажираа вработени во платформата Amazon Mechanical Turk која на вработените им овозможи за помали парични износи да обавуваат серија не посебно комплицирани задачи. Нивна задача овој пат беше да пополнат онлајн прашалник. Како прво, бараа само американски „туркери“. Понатаму, требаше да ја симнат Фејсбук апликацијата за да можат да бидат платени, а апликацијата ги извести дека од нив и нивните пријатели ќе ги собере најосновните податоци.
Значи, Кембриџ Аналитика со измама ги натера да ја симнат Фејсбук алатката која за заработка од само еден или два долари им ги разоткри не само личните податоци, туку и податоците на нивните пријатели. Ова беше клучен момент во кој беа компромитирани над 50 милиони Фејсбук корисници, пишува Њујорк Тајмс.
Како изгледаат тие собрани податоци?
Во суштина, никој не е сто насто сигурен. Професорот Дејвид Керол се сети дека поврзаноста на Кембриџ Аналитика и SCL може да му овозможи да ги истражи собраните податоци потпирајќи се на британските закони кои на секој граѓанин му гарантираат право да ги провери сите податоци кои за него ги собираат онлајн компаниите. Меѓу нив и Фејсбук. Во март, минатата година, го доби одговорот.
5/ Here are CA/SCL’s row names for the core voter data. The data here is accurate and mostly complete for me. (Not showing for privacy). pic.twitter.com/yOs0e3X0x6
— David Carroll ? (@profcarroll) March 27, 2017
6/ Here are the election returns data connected to my CA/SCL voter profile. Incomplete results but accurate to my districts. pic.twitter.com/8BZM03UVXo
— David Carroll ? (@profcarroll) March 27, 2017
Не е најјасно како точно Кембриџ Аналитика ги користеле собраните податоци за да ги создадат овие профили, бидејќи овие категории не се достапни за огласувачите и креаторот на апликацијата. Но, се нагаѓа дека станува збор за комбинација од повеќе извори.
Најважен дел е тоа дека тимот на Коган, кога еднаш ќе го создадел профилот, веќе немал корист од собраните податоци. Како што напиша новинарот од Вашингтон Пост: „Тоа е како да сте симнале рецепт за пилешко од KFC и врз основа на тој да направите свој рецепт“.
Како реагираше Фејсбук?
Закерберг призна дека Фејсбук „направил грешка“ во случајот поврзан со Кембриџ Аналитика, а во својата подолга објава на неговиот личен профил, тој напиша дека дошло до „кршење на довербата“ помеѓу креаторот на апликацијата Александар Коган, фирмата Кембриџ Аналитика и Фејсбук.
„Јас го создадов Фејсбук и на крајот од денот јас сум одговорен за она што се случува на нашата платформа“, напиша Закерберг.
Најави и конкретни мерки. За почеток, како што вети, ќе ги истражи сите апликации кои имале пристап до големо количество на информации до моментот кога платформата во 2014 година доживеа промена со која се воведе ограничен пристап до информациите од корисниците. Како што рече, во иднина ќе го ограничи пристапот до информации од корисниците за да не се случуваат вакви работи.
„Сакам да ве известам за ситуацијата со Кембриџ Аналитика, вклучително и за чекорите кои ги презедовме и кои ќе ги преземаме во врска со овој важен проблем.
Имаме одговорност да ги штитиме, а ако не го можеме тоа, не заслужуваме да ви пружаме услуги. Работам на тоа да востановам што точно се случило и што треба да се преземе за ова да не се повтори. Добрата вест е што најважните чекори за спречување на вакви работи се преземени пред неколку години. Меѓутоа, правевме грешки и треба уште многу да учиме“, додаде Закерберг.
И сето ова звучи супер, но Фејсбук за оваа злоупотреба дозна уште во 2015 година и дури до минатиот петок не се реши да се пресмета со сторителите на истата. А дури и после тоа, одлуката која ја донесоа беше привремена забрана за користење.
После сето тоа, побараа од Кембриџ Аналитика и SCL да ги избришат податоците, но каква корист од тоа ако знаеме дека тие податоци ионака веќе не им се потребни? Го имаат тоа што го сакаа и тоа ќе им помогне во водењето на кампањите во следните неколку години.
Каква врска со сето ова има Трамп?
Ова, всушност, е најголемото прашање. Водачите на неговата кампања многу се потпираа на Фејсбук, посебно во последните неколку месеци пред изборите, а за дигиталниот дел од кампањата беше задолжена токму Кембриџ Аналитика.
Тешко е точно да се одреди колку Фејсбук му помогна на Трамп во кампањата, или колку Кембриџ Аналитика помогна за Трамп да ја освои претседателската функција, но едно е сигурно – не им одмогнаа во тоа.
Сепак, постојат уште неколку интересни места, а тоа посебно се однесува на врската со Русија. Како прво, тука е Лукоил кој во 2014 и 2015 година склучи договор со SCL, а нивниот интерес беше „како собраните податоци се користат во однос на американските гласачи“.
Тука е и Мајкл Флин, челниот човек на кампањата од Трамп, кој се најде на удар од критики откако беше откриено дека лаже за своите руски врски. Него го ангажираше токму SCL и тоа не долго после завршувањето на претседателската кампања. Испадна дека не работел многу таму, но треба да се спомене тоа не само поради врската на Кембриџ Аналитика и Русија, туку и заради неговото отпуштање од местото советник за национална безбедност откако беше откриено дека лажел за разговорите со рускиот амбасадор.
И за крај, тука е и самиот Коган, голем сплеткар кој стои зад големата кражба на податоци од Фејсбук. Коган прими парична поддршка од руската влада за да ги истражи социјалните мрежи. Тоа не значи дека Коган директно бил вклучен во заверата поврзана со руската вмешаност во изборите, но вреди да се спомене.
Коган за Гардијан изјави: „Ништо од тоа што работев на рускиот проект нема никаква врска со компаниајта Кембриџ Аналитика“.