Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст. 4 во врска со чл. 297 ст. 3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот во петокот по автопатот Скопје – Тетово – Обиколница на Град Скопје како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и ги довел во опасност животот и телото на луѓето.
Тој управувал со товарно моторно возило МАН со скопски регистарски таблички и кога дошол пред надвозникот Визбегово, не се движел по средината на обележаната сообраќајна лента. Со десните тркала на камионот тој се движел по сообраќајната лента за принудно запирање, со што постапил спротивно на чл.29 ст.1 и на чл. 132 ст.3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Од тие причини тој удрил во задниот лев дел на автомобил БМВ 535 со гостиварски регистарски ознаки, кој бил запрен во десната сообраќајна лента заради контрола од страна на мобилна сообраќајна полициска екипа. Од силата на ударот, патничкото моторно возило БМВ се придвижило нанапред и удрило во паркираниот полициски автомобил Шкода Јети и во метална одбојна ограда покрај патот. Автомобилот БМВ се запалил, при што сопатникот во возилото се здобил со изгореници и починал на лице место.
Полициското возило исто така се придвижило нанапред и удрило во пешаците – возачот на автомобилот БМВ кој бил излезен надвор од својот автомобил и двајца полициски службеници. Сите тројца се здобиле со телесни повреди и биле пренесени во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Еден од полициските службеници подоцна им подлегнал на повредите здобиени во сообраќајната несреќа.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице.