Десет мртви во двоен вооружен напад во Ханау – осомничениот најден мртов


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Ноќеска со истрели од огнено оружје беа убиени девет луѓе во два дела од градот Ханау, а четири лица се ранети. Од извори на истрагата за нападите со повеќемина загинати во Ханау, се дознава дека се пронајдени писмо и видео со признание за извршеното дело, тие моментно се наоѓаат на вештачење, пренесува Дојче Веле.

Полицијата во раните утрински часови го нашла и телото на осомничениот убиец во неговиот стан, каде е откриено уште едно мртво лице. Со тоа бројот на загинатите изнесува вкупно единаесет лица. Во тек е испитување на идентитетот на жртвите, а истрагата во меѓувреме официјално ја презеде Сојузното обвинителство, со оглед на постоењето индиции за за десноекстремни мотиви на делото.

Според информации во весникот „Билд“, осомничениот напаѓач наводно е Германец кој поседувал дозвола за ловечко оружје. Во неговото возило била најдена муниција, пишува весникот, повикувајќи се на полициски извори. Убиецот наводно е 43-годишен маж, кој досега не бил во визирот на органите за безбедност, а мртвото лице во неговиот стан е неговата 72-годишна мајка.

Според извештај на Радиото на покраината Хесен, прво бил нападнат шиша-бар во центарот на Ханау. Очевидци сведочат за осум до девет истрели, убиени биле неколку лица. Потоа напаѓачот или напаѓачите со возило заминале во друг дел од градот, каде одново се пукало во шиша-бар, повторно со смртни последици за неколку лица.

Полицијата со автоматско оружје го блокирала и обезбедила широкото опкружување на местата на убиствата.

Ханау е град со околу 100.000 жители и се наоѓа на околу 20 километри источно од Франкфурт на Мајна. Градоначалникот Клаус Камински е потресен од извршените напади. „Ова беше страшна ноќ, која сигурно уште долго ќе не‘ окупира и ќе остане во тажно сеќавање“, изјави тој.

Германската влада реагираше со шокираност на тешкото злосторство во Ханау со досега единаесет мртви. „Нашите мисли утрово се кај луѓето во Ханау, каде се случи страшно злодело. Длабоко сочувство до погодените семејства, кои жалат по своите блиски“, напиша владиниот портпарол Штефан Зајберт на Твитер.

Германската камцеларка Ангела Меркел поради настаните во Ханау ја откажа за денеска планираната посета на градот Хале во покраината Саксонија Анхалт и постојано ги следи најновите информации за нападите.