Десет години без Тоше


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 во трагична сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац, кај местото Нова Градишка во Република Хрватска, на возраст од 26 години. Во мигот на несреќата, Тоше се наоѓал на совозачкото седиште во возилото Фолксваген Туарег (Volkswagen Touareg) кој со голема брзина удира во приколката на камионот пред него и потоа во крајпатната заштитна ограда. Останатите двајца патници – возачот Ѓорѓе Георгиевски поминува со потешки додека неговата менаџерка Лилјана Петровиќ со полесни повреди. И двајцата се вон животна опасност.

Телото на Тоше пристигна на аеродромот „Александар Велики” од Хрватска, на 16 октомври, околу 23 часот, со хеликоптер на Армијата на Република Македонија. Целата нација со солзи го пречека во родната Македонија, со оглед на тоа дека настанот беше пренесуван од сите национални телевизии. На аеродромот, неговото тело беше пречекано од неговите најблиски и од владина делегација на чело со премиерот Никола Груевски. Беше организирана мала процесија од страна на почесната гарда на Армијата. Во сите македонски градови и села веќе беше отпочнато оплакувањето на најомилениот естраден лик и македонска национална гордост. На плоштадот „Македонија” во Скопје, масовно се палеа свеќи, а народот спонтано излегуваше на улиците за да го пречека и испрати на патот до Крушево.

Погребот на најголемата македонска музичка ѕвезда започна утредента во 13 часот, откако претходно беше одржана комеморација пред споменикот Македониум. “Крушево и Македонија уште од Илинден 1903-та не ги обземало таква тага и очај. И со право, зашто изгуби ангел. Продолжи Тоше да пееш, на небото, придружуван од ангели” – се прости архиепископот г.г. Стефан од „ангелскиот глас“. Овие зборови на архиепископот г.г. Стефан најдобро ја опишуваат атмосферата во која Македонија се прости од својот „ангелски глас“ Тоше Проески. Со липање и со неизмерна почит верната публика и на крушевско Гумење му го подари последниот аплауз на својот сакан. Премиерот Никола Груевски во обраќањето рече дека Тоше нè научи на чистота, на јасност, на упорност, на скромност, на хуманост, на искреност. – Нè научи на вредности на кои треба да почива универзумот. „Ни остави песна за да нè теши и да нè потсети како е да се биде човек” – рече Груевски на комеморацијата пред неколку илјади крушевчани, Македонци, почитувачи на Тоше, кои како река дојдоа да се простат со својот миленик. Тажното простување од големата ѕвезда почна уште во 11 часот, во црквата „Пресвета Богородица“, каде што Тоше бил крстен. Од црквата ковчегот беше ставен на лафет од каде што поворката тргна кон месноста Гумење, кај Споменикот на крушевската револуција. Актерката Весна Петрушевска со говор се прости од својот пријател: „Најстрашно е што Македонија го изгуби најдоброто нешто. Мислам дека умре надежта. Мислам дека умре најголемата ѕвезда што некогаш се родила во Македонија”.