Депонијата зад „Пелагонија“ исчистена – на студентите им останува срамот


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


После објавувањето на шокантните фотографии од исфрленото ѓубре зад студентскиот дом „Пелагонија“; од страна на неговите жители, студенти, скопските комунални претпријатија презедоа акција за чистење на надворешниот простор од домот. Од Град Скопје велат дека не е нивна одговорност да ги чистат студентските дворови, тно оваа акција ја преземаат како чин за освестување на граѓаните.

„И покрај фактот дека чистењето на ваквите површини не е во наша надлежност, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје ќе ги спроведе овие активности, со цел да се спречи ширењето на заразни болести и да се заштити животната средина. Oваа недела ќе ја посветиме токму на подигнувањето на јавната свест за штетноста од несовесното постапување со отпадот и опасноста од создавањето диви депонии коишто директно ја загрозуваат животната околина и претставуваат закана за здравјето на граѓаните. Секој ден во неделата ќе исчистиме по една црна точка – започнавме во Топаана, денес сме во студентскиот дом „Пелагонија“ и до крајот на неделата ќе посочиме уште неколку локации каде што и покрај секојдневните интервенции на нашите екипи постојано се создаваат диви депонии, како резултат на неправилното одлагање на отпадот од страна на граѓаните“, изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.

Директорот на домот, Бујар Муртезани најавува дека ќе се постават камери за надзор за да се идентификуваат неодговорните студенти, најавувајќи парични казни и исфрлање од студентскиот дом.

„Службите секојдневно ја извршуваат својата работа и го чистат ѓубрето. Повеќе смет се собира за време на викендот кога службите не работат. Апелирам сите студенти да се однесуваат посовесно за одржување на хигиената и за зачувување на животната средина“, рече Муртезани.

Во овој дом има околу 1.000 студенти кои се жалат на условите за сместување и услугата во мензата. Тие, по најавената акција за чистење, самите го отстранија сметот.