Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Денеска во КИЦ на Македонија во Софија, со почеток од 18:30 часот, ќе се одржи промоцијата на бугарското издание на книгата од македонскиот писател Иван Шопов со наслов „Залутани записи“. Книгата излегува како издание на Издателство „Ерго“ во превод на бугарски јазик од Тања Попова.
За книгата ќе говорат Мартин Христов од издателство „Ерго“, Тања Попова и бугарскиот писател и сценарист Михаил Вешим.
Во „Залутани записи“ се собрани кратки раскази и есеи од македонскиот сатиричар Иван Шопов. Тие се духовит сеизмограф на нашето време, хроника која не тера да се насмевнеме, но често таа насмевка има горчлив вкус. На централно место во книгата се поставени малите луѓе и страничните појави и настани, кои не можат да се сретнат во учебниците по историја и туристичките брошури.
Михаил Вешим: Кратките парчиња проза на македонскиот писател Иван Шопов се како делови од сложувалка – ако ги наредиш правилно, се добива една апсурдна слика – дијагноза на нашиот заеднички Балкански синдром, опишан порано и од Станислав Стратиев.
Иван Шопов (1987, Скопje) дипломира на Факултетот „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, на отсекот „Општа и компаративна книжевност“. Долгогодишен редактор во издателство „Темплум“ и на интернет порталот Okno.mk. Автор е на зборникот раскази „Азбука и залутани записи“ (2010), за кој ја добива наградата „Новите!“ за најдобра дебитантска проза; стиховите во проза „Меше на годината“ (2012); зборникот раскази „091 – антиразгледници од Скопје“ (2018); зборник сатира „ Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018); миникнигата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од застава 750“ (2019) и „Скопје: изгубените чевли на градот“ (2020). Пишува и поезија и хаику. Неговите раскази и стихотворби се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик.