Advertisements
Актуелно

Денеска во Скопје се одржува првата Парада на гордоста

Во Скопје денеска ќе се одржи првата Парада на гордоста, со цел за поголеми права на ЛГБТИ луѓето во нашата земја. Настанот го организра Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, од каде нагласуваат дека одржувањето на првата Парада на гордоста или попозната како Скопје Прајд се поклопува со педесетгодишнината од бунтот во Стоунвол – настан кој се смета за пресвртна точка во движењето за правата на ЛГБТИ луѓето.

Поради стигмата, неприфаќањето и насилството со кое ЛГБТИ заедницата секојдневно се соочува, вашето присуство ќе претставува највидливата и најсилната поддршка која може да ја дадете – апелираат организаторите, кои инсистираат да не се носат стаклени и остри предмети, како и балони. Најавено е и присуство на активисти за ЛГБТИ права од Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора.

Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ луѓето се придружува на првиот Скопје Прајд

„Со учеството на овој мирен протестен марш, испраќаме порака за солидарност и поддршка на нашите ЛГБТИ сограѓани во борбата против стигматизација, дискриминација, насилство и говор на омраза кон нив. Маршот е можност ЛГБТИ, како една од најмаргинализираните заедници, да добие видливост во општеството и поддршка во надминувањето на проблемите со кои се соочува. Затоа во многу градови ширум светот, вклучително и на Балканот, се одржуваат паради на гордоста. Интерпартиската група продолжува континуирано да придонесува за подигање на јавната свест за потребата од унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето и развој на современо демократско општество со еднакви можности за сите“, се вели во соопштението од оваа парламентарна група.

Advertisements
To Top