Денеска се празнува Рождество на Пресвета Богородица


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Рождество на Пресвета Богородица или Мала Богородица — еден од 12 големи празници во православието кој го слави раѓањето на Богородица. Богородица е родена во Назарет од стари и бездетни родители, благочестиви Јоаким и Ана како одговор на нивните молитви. Се слави на 8 септември според јулијанскиот календар или на 21 септември според грегоријанскиот календар.

Пресвета Дева Богородица е родена од стари и бездетни родители, благочестиви Јоаким и Ана како одговор на нивните молитви, за самата да биде родителка на Месијата. Православните христијани не веруваат во Римокатоличкото учење дека Марија е девствено зачната, а со тоа и зачувана прародителскиот грев. Црковното предание не учи дека Марија, како и сите други луѓе, го наследила прародителскиот грев, бивајќи зачната по природен, човечки пат, и токму затоа и било потребно спасението, како и на целиот човечки род, иако бива истовремено и пренепорочна.

Празникот Рождество Богородично го прославува раѓањето на Марија, неа Самата како Божја Мајка, но и Нејзините благочестиви родители. Тоа е првиот голем празник во новата литургиска година, означувајќи го почетокот на циклусот на човековото спасение.

Стихирите на празникот се полни со различни имиња за Марија, како Сад на Светлината, Книга на Животот и Словото, Источна Врата, Престол на Премудроста и слично. Тие се засновани од изворната инспирација на Стариот и Новиот завет. На трите библиски извадоци (паримии), што се читаат на Вечерната богослужба, застапени се пророштва за Неа: Скалата од сонот на партијархот Јаков, која што го соединувала небото и земјата и местото наречено Божји дом и врата небесна (Мој. 28, 10-17), го означува единството меѓу Бога и луѓето што е остварено најпотполно и најсовршено – и духовно и физички – во Марија Богородица, Божјата Родителка. Така и визијата на храмот со вратите кон Исток кои биле постојано затворени и полни со славата Господова ја символизираат Марија – во празничните химни наречена дом Господов полн со славата Господова (Ез. 43. 27-44, 4). Според Изреките Соломонови (9, 1-11) Марија се поистоветува со Дом којшто Премудроста за себе го изградила.

Евангелското читање на Утрената богослужба е исто како и на сите Богородични празници:

„Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти го виде смирението на Својата слугинка, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови” (Лк. 1,47).

Апостолското читање на Литургијата е познатиот цитат за доаѓањего на Божјиот Син, Кој прими лик на слуга и стана ист со луѓето (Фил. 25-11), а од Евангелието се чита местото како и за сите Богородчни празници: Некоја жена меѓу народот ја величала Исусовата Мајка, а самиот Господ, одговорил дека, истата таа благодат што ја примила неговата Мајка е наменета за сите што го слушаат Божјото слово и го извршуваат (Лк. 11, 27-28). Затоа, на празникот Рождество на Богородица се прославува и тоа што со Божјата благодат – сето човештво, секој христијанин го прима тоа што го примила Пресвета Богородица – големата благодат, што им е дадена на сите луѓе со Христовото раѓање од Дева.