Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Најголемиот трговски центар во Македонија, „Ист гејт мол“, ќе биде отворен денеска. Во рамки на понудата која ќе ја има за граѓаните се уникатни 220 локални и интернационални брендови, а располага и со модерни кафетерии, посебен оддел за брза храна со капацитет за 800 посетители, хипер маркет, салони за бела техника и мебел и киносали.
Обезбеден е паркинг простор за околу 2000 возила, а е единствениот мол во земјава кој е опкружен и со зелени паркови.
Трговскиот центар се наоѓа на местото на поранешниот Скопски саем и е на само пет минути од центарот на Скопје.
Очекувањата се дека трговскиот центар ќе има околу 12 милиони посетители годишно, а закупците ќе остварат нето промет од 120 милиони евра. Предвидено е да се отворат повеќе од 2500 вработувања пред се во секторот трговија, но и во услужните дејности и оние кои се компатибилни со трговијата.
„Fashion Group”, која е дел од 200-те брендови кои ќе бидат застапени во трговскиот центар, по повод отворањето најавува богата програма со изненадувања за посетителите.
– Fashion Group со точна утврдена агенда и протоколи, има изненадувања за секој посетител, почнувајќи од 10 часот за децата во OKAIDI во присуство на Црвениот Крст на Град Скопје и нивните штитеници, 10.30 часот во PARFOIS, брендот SPRINGFILED од 11.00, TIMBERLAND 11.30 часот, со музичка забава Fashion & Friends точно напладне од 12 часот, Mango 12.30 часот и Dan JOHN 13.30 часот, информираат од оваа групација.
И останатите брендови по повод отворањето на нивните продажни места во трговскиот центар најавуваат низа попусти и забавни содржини за постителите.
Трговскиот центар е дел од мултифункционалниот проект „Skopje East Gate” кој предвидува и изградба на резиденцијален комплекс и канцелариски парк со вкупна бруто изградена површина од над 500 000 м2.
„Skopje East Gate” е дел од приватната инвестициска групација „Балфин” која од основањето во 1993 година е активна на полето на недвижности, малопродажба, минерална индустрија, туризам, земјоделство, енергетика, услуги и инвестиции. Вкупната инвестиција се проценува на околу 103 милиони евра, а за изградба на трговскиот центар лани беше потпишан договор за синдициран заем во вредност од 72 милиони евра со домашни и странски банки. Ова е втор проект на оваа групација по изградбата на Скопје сити мол кој во 2015 година го продаде на британската компанија Hystead Limited.
Во очи официјалното отворање на „Ист гејт мол“ денеска, вчера вечерта во свечена атмосфера се одржа средба за закупците, соработниците и партнерите на проектот, на која беше присутен речиси целиот државен врв.
Премиерот Заев, кој ги поздрави присутните и се обрати заедно со акционерите на „Скопје Ист Гејт“, Арсим Папранику и Самир Мане, рече дека Скопје доби нов, најголем, современ трговски центар, кој претставува крупен капитален проект.
„Оваа есен добивме трговски центар од новата генерација, кој го претставува светот на едно место. Со овој проект, Скопје, нашата земја и сите ние, добиваме многу. Ќе доаѓаат домашни посетители, илјадници туристи од регионот и пошироко, и тука на едно место ќе најдат многу реномирани брендови. Она што е значајно за домашната економија, е дека ќе се вработат и над 2.500 наши граѓани. За навремена реализација на овој грандиозен мол, посветено работеа и наши домашни градежни компании. Поточно 90% од компаниите кои работеа се домашни и целиот мол го завршија во рекорден рок“, рече Заев.