Денеска пресуда за случајот „Плацови на Водно“ – Груевски претходно се огласи на Фејсбук за овој случај


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Скопскиот Основен кривичен суд денеска попладне треба да ја изрече пресудата за случајот „Плацови на Водно“ во кој првообвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот е поранешниот премиер Никола Груевски.

Обвинети сè уште пет други лица: Сашо Мијалков, Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска-Камчева за која обвинителството во завршните зборови се откажа од кривичен прогон поради застарување на делото.

Во случајот, обвинителството тврди дека Груевски со пари кои биле донација за ВМРО-ДПМНЕ прибавил 1,3 милиони евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал имот. Обвинението опфаќа плацови на Водно, станови во Скопје и земјиште во Крушево. Во шемата на купување имот, според обвинителството, се вклучени и офшор фирми односно била искористена компанијата „Сирах лимитет“ од Белизе во сопственост на обвинетиот Јосифовиќ, и преку неа се отворила фирма-ќерка во Македонија, „Сирах Инженеринг“, за чиј управител бил назначен кумот на Груевски од првиот брак, обвинетиот Новачевски. Новачевски, според обвинението, за експремиерот го купил и земјиштето во Крушево.

Бизнисменот Камчев, исто така е вклучен во понатамошното препродавање на атрактивните парцели на Водно. Тој тврдеше дека кога Јосифовиќ од објавувањето на „бомбите“ дознал дека неговата фирма од Белизе се поврзува со овој имот, му се обратил за помош. Со оглед дека, според тврдењата на Камчев, Груевски преку неговата сестра Кристина Камчева прашувал дали може да го купат тој имот, тие размислиле и одлучиле да го купат, а на таков чекор меѓудругото се одлучиле, како што рече бизнисменот, и поради одмаздљубивниот карактер на тогашниот премиер.

Кога даваше одбрана, Камчев во своето сведочење спомена и нов имот – три луксузни стана во зградата „Панорама рездиденс“ за кои тврдеше дека Груевски ги трампал за земјиштето. Истите стана, како и останатиот имот сега се дел од обвинението и се замрзнати.

Одбраната на Камчев во завршните зборови не ги негираше дејствијата на бизнисменот, но побара ако тој треба да одговара, тоа да биде за кривично дело со поинаква правна квалификација. Според завршните зборови на неговиот адвокат Еленко Миланов на минатото рочиште, делото перење пари кое е предмет на овој судски процес, според допрецизираниот обвинителен акт, е сторено во периодот од октомври 2012 до септември 2013 г., а неговиот клиент се инволвира во случајот дури во периодот од јули до октомври 2015 година. Така, како што рече адвокатот, ако треба тој да одговара тоа треба да биде за помагање на сторител по извршено кривично дело.

„Се согласувам со завршните зборови на моите адвокати и, исто така, пред овој судечки совет сакам да се покаам во врска со делото помагање на сторител по извршено кривично дело“, рече и самиот Камчев во своите завршни зборови.

И обвинетиот Новачевски кога даваше одбрана зборуваше за дејствијата на Груевски. Кажа дека експремиерот од него побарал да биде управил на „Сирах инженеринг“, како и дека по желба на кумашинот го купил државното земјиште во Крушево.

„Жалам за стореното, бев искористен“, рече Новачевски во неговите заврши зборови.

Одбраната на Ненад Јосифовиќ, кој е краен сопственик на „Сирах Лимитед“ од Белизе, во своите завршни зборови порача дека тој не учествувал во ништо односно дека компанијата ја основал за свои бизнис интереси, а потоа кога му побарале слободна фирма, тој се согласил да даде полномошно да се отвори фирма-ќерка во земјава и не знаел за што се користи односно дека фирмата се поврзува со Груевски слушнал кога почнаа да се објавуваат „бомбите“ во 2015 година.

Искази на овие тројца обвинети, обвинителката Лиле Стефанова во завршните зборови кажа дека ги цени. За Камчев и Јосифовиќ рече дека иако тоа го кажале на крајот од судската постапка, исказите се олеснителни околности и побара казните за нив да се движат кон законски предвидената минимална казна.

За Новачевски, пак, Стефанова рече дека е единствениот обвинет кој уште од отворањето на истрагата ги опишал начинот и дејствијата на извршување и со тоа придонел во откривањето на сторителите и кривичните дела, па од тие причини побара судот да му изрече условна казна.

За Груевски и Мијалков, обвинителката побара строги казни. За експремиерот рече дека треба да му се изречат максимални затворски казни за делата за кои се гони, додека за неговиот братучед и поранешен шеф на УБК побара изрекување на повисоки казни во рамки на границите предвидени со закон за делата кои му се ставаат на товар.

На Груевски му се судеше во отсуство со оглед дека е во бегство во Будимпешта, но овој судски случај тој постојано го коментираше преку социјалните мрежи, па по исказите на дел од обвинетите кои го инволвираа него, обвини дека Камчев се испазарил, а Новачевски бил под голем притисок.

И Мијалков кој според тезата на обвинителството давал совети и упатства и ставал средства на располагање за да му овозможи на Груевски да го купи имотот, а потоа и да го прекрие, отфрлаше каква била вина.

„Обвинителството се обиде да даде конструирани или монтирани докази да се потврди тоа што го пишува во обвинението. Сакам да потенцирам дека дури ни тие докази кои беа понудени, а тоа се двата исказа на сведоците Александар Ивановски (Алек Теранова) и Мето Стојчевски, не го потврдуваат тоа“,

рече Мијалков во завршните зборови додавајќи дека дури и да е точно тоа што се тврди, тој не би можел да знае дека Груевски купувал имот со нелегално стекнати пари.
По споменувањето на трите стана во „Панорама резиденс“, во завршните зборови обвинителката Стефанова за Мијалков кажа и дека додека беше во бегство лани во февруари, при претрес на неговиот автомобил биле пронајдени договори во врска со овој имот, додека неговите адвокати потоа возвратија дека тоа не е точно и оти такви документи не се прикажани како докази.

Во пресрет на денешното изрекување на пресудата, покрај осудителна пресуда, Стефанова побара и конфискација на имотот односно плацовите на Водно, земјиштето во Крушево и становите во Скопје.

За „Плацови на Водно“ обвинението беше поднесено на 12 мај 2021 година, Кривичниот суд го прифати на 22 јуни истата година, а стартот на судскиот процес беше закажан за 16 јули лани.

Претходно, на Фејсбук за случајот се огласи и бившиот премиер и сè уште актуелен бегалец од Македонија, Никола Груевски.

Ова е веројатно последна моја објава околу политичкиот прогон во предметот “Плацеви Водно”. На едно место едно резиме на сите факти, лаги, нелогичности, игри, местенки… Наменет е за оние кои ги интересира и ја следат темата, прилагодено колку што е можно на јазик разбирлив за секого. Судиите знаат да судат според докази и закон, а не по претпоставки и противзаконски, но ако имаат дозвола од власта или ако се охрабрат да и се спротивстават.
1. Од законско процедурален и формален аспект предметот незаконски и со измама на обвинителството беше прифатен да се суди од т.н. судија на претходна постапка кој одлучува дали се исполнети законските претпоставки за некој предмет воопшто да се прифати да се суди.
Според законот за да еден предмет влезе во судска расправа треба осомничениот пред да се обвини да биде повикан на распит и да даде исказ. Ако тоа не е можно од било која причина, се запира постапката, додека не стане можно. Обвинителството, правдајќи се на наводна наводна техничка грешка во дописот до судот, а всушност суштинска повреда во која тврдат дека сум дал изјава, го измами судот дека е извршен распит и така предметот влезе во судење.
Значи, од старт криво насадено дрво.
На почетокот на судењето тоа му беше предочено на судијата, но тој одговорил дека по тоа прашање ќе се произнесе кога ќе ја изрече пресудата.
Предметите со вакво прекршување секогаш паѓаат пред Судот за човекови права во Стразбур, но поминуваат години за тоа, па кога е во прашање политички прогон, власта е задоволна бидејќи го постигнала моменталниот планиран ефект.
Согласно македонските закони, судиите се обврзани да ја следат праксата на судот во Стразбур и прекршокот во тој дел, е основ за разрешување од судија, сега или во иднина.
Јавноста ќе види дали судот во овој предмет ќе ја следи праксата во Стразбур или очекувањата на власта чиј производ е овој конструиран предмет.
2. Политичката пресметка на власта со мене и со повеќе други неистомисленици се одвива преку обвинителството и судот. Имаат и силна медиумска подршка. Како и поддршка на некои квази експерти и т.н. аналитичари. Единствено што немаат се аргументи и докази.
Обвинението е дека сум земал партиски пари и со нив прикриено на име на други лица и фирми сум купил имот. Претставници на партијата во судот потврдија дека немаат констатирано никаков кусок на пари и во ниту еден ревизорски извештај не се појавило вакво нешто, така што партијата кажа дека нема т.н. оштетно побарување.
Обвинителството не посочи ниту еден доказ дека сум земал пари од партијата, ниту како сум земал, од кого и кога сум земал партиски пари за купување на имот. Само онака кажаа дека сум земал. Ништо повеќе од тоа, а се работи за над 1,3 милиони евра. Значи никаков понуден барем елементарен доказ за потекло на наводните пари со кои наводно сум купувал имот, што е лага. Тоа значи дека тие претпоставуваат дека сум земал пари. Обвинение со претпоставка.
Тој имот за кои невешто направиле конструкција е едно земјиште од околу 11 илјади метри квадратни, уште едно од околу 2.700 метри квадратни и два стана едниот околу 65мкв а вториот околу 45мкв, кои ги користам и за кои имам валиден договор за закуп.
На крајот на постапката, кога сфатија дека предметот е целосно без елементарни докази, празен и јавноста им се потсмева, па дури и нивните поддржувачи, во последен момент набрзина направија нова спогодба со еден од обвинетите, кој и официјално е најбогатиот човек во Македонија (Јордан Камчев).
Тој до тој момент им беше таргет за политички прогон исто како и јас и го малтретираа цели 8-9 месеци во притвор за да го прикажат како криминалец и виновен, делумно од одмаздољубие за објавените снимки од предметот “Рекет” и делумно да го направат соработник.
Тој од почетокот на постапката до пред самиот крај тврдеше дека немал никаква врска со мене, ниту јас со земјиштето, што е точно. Тоа го слушнавме и од audio снимките од два телефонски разговори водени во февруари 2021 година кога предметот е во фаза на истрага и кои се појавија на Youtube каналот The true above all.
Така, со новиот договор, обвинителството го смени обвинението, едно лице од опкружувањето на Камчев го ослободи (неговата мајка), за него побара најминимална казна исто како и за луѓето околу него затоа што ја прифатија уцената да му помогнат на обвинителството и прстот да го вперат кон мене, иако над една година говорат спротивно а самиот Камчев во судницата често беше во најжестока вербална пресметка со обвинителката напаѓајќи ја дека лаже и конструира случај заради политички мотиви.
Во договорот направен во обвинителството информациите говорат дека влезени се и други пазарења околу предметот Империја каде исто така Камчев беше таргет на обвинителството.
По направениот нов договор, измислија уште еден нов сведок, зет од сестра на Камчев, кој кажа дека имал фирма со три стана кои не знаел како се нашле на неговата фирма и не ги чувствувал за свои и дека други луѓе му рекле дека требало да бидат наменети за мене во некое идно недефинирано време.
Сепак, тој чесно кажа и дека јас и тој иако сме се познавале и среќавале никогаш не сме разговарале на таа тема, ниту сум побарал нешто од него на таа тема.
Единствениот кој му го потврди ова е неговиот шура и обвинет во предметот Ј. Камчев кој практично во обид да се спаси себе и неговите луѓе, ја направи спогодбата со обвинителството со која направија нова конструкција, различна од првичната.
Другиот обвинет кој наводно му кажал на зетот на Камчев – Мето Стојчевски дека тие станови се за мене, категорично го негераше тоа во судот.
Така отприлика изгледа овој предмет во кој ниту еден сведок директно не ме прозива мене дека било што разговарал со мене за сиот овој имот, дека сум давал или земал пари, дека сум барал било какви услуги од ваков тип и слично.
Идејата на овој договор во последен момент е и покрај промената на изјавата на Ј. Камчев насочена против мене, истиот да жртвува три негови и на неговиот зет стана на Водно, како што Александар Ивановски својата слобода одлучи да ја купи со два помали стана и едно земјиште од 2.700мкв. Се заедно тоа да се заплени и да се прикаже како запленет мој имот, поточно како имот кој требало да ми припадне, а со цел од истото владејачката партија да прави политичка пропаганда.
Основна работа во било која судска постапка за обвинение како ова, каде ме теретат за перење пари и против правно збогатување, е да има обрт на пари, плаќања од мене и на мене.
Кога со матерјални докази би докажале дека сум внел пари а во случајот и би земал назад, бидејќи едното земјиште за кое ме теретат е продадено, но и кога би го нашле изворот на тие пари, тогаш предметот е со докази.
Кога би нашле докази дека наводниот скриен имот е мој и на мое име, исто така би имале докажан случај. Кога би нашле барем еден сведок кој би ме посочил директно мене дека сум побарал да ми купи нешто на негово име со од мене дадени пари и тоа би било нешто иако не доволно за прогласување виновен.
Такви се законите во целиот свет и во Македонија. Но, ништо од ова нема. Комплетно ништо. Нула.
Обвинителството побара меѓународна правна помош од Кипар, за движењето на парите за купувањето на земјиштето од околу 11.000. Одговорот пристигна и обвинителството согласно законот го сподели со судот и одбраната. Во документот стои дека никакви пари во кеш (готовина) не се уплаќани на фирмата-мајка сопственик на земјиштето. Приходите на фирмата се од нејзиното редовно работење и непостои ниту физичко лице, ниту фирма од Македонија, ниту било какво правно или физичко лице кое на било кој начин е поврзано со мене, а кое уплатило средства на оваа фирма-мајка сопственик на земјиштето со име Сирах Лимитид.
Значи таа фирма си формирала фирма во Македонија, фирма ќерка (Сирах Инжињеринг), и префрлила пари и со тие пари се купило тоа земјиште.
За директор го назначиле Ристо Новачевски кој дал изјава во обвинителството дека немам никаква врска со ова земјиште и дека за директор е поставен по препорака на негов пријател од Македонски телекомуникации, за подоцна кога ќе го стават и подржат некое време во притвор, под притисок и уцена мене да ме посочи дека јас сум го препорачал, а во последната изјава на крајот на судењето уште и да додаде дека јас сум сакал да правам градена фирма.
Да потсетам дека во правната теорија и пракса, исказите на обвинетите не се земаат за докази бидејќи се цени дека може и да се лажни заради себе спасување, така што изјаваите на Ј.Камчев, Р.Новачевски и другите обвинети во нормално судство не би биле никаков доказ, но сепак им требаа најмалку заради замајување на јавното мислење.
Во таква ситуација, обвинителството немаше ниту еден материјален доказ и ниту еден сведок кој директно ме посочува мене во смисла дека сум побарал нешто од него/неа во правец на купување и продавање имот, ниту една моја или на мој близок уплата или давање и исплата или земање на пари, мое барање до некој да ми прикрие мој имот и слично.
Сè се сведува на рекла-казала на 2-3 сведока кои кажуваат дека некој друг ме посочил мене дека ќе сум бил сопственик на имотот, ама иако ме знаеле и се среќавале со мене, јас никогаш ништо не сум побарал од нив, ниту сме разговарале за тоа.
На тој начин, всушност овие сведоци на обвинителството станаа сведоци во моја полза, нормално ако имаме судство кое суди по докази и закон.
Така е и со помалото земјиште од 2700 метри квадратни, за кое и самиот сведок Александар Ивановски кажа дека по наводна сугестија на Сашо Мијалков го купил од свои пари и дека цело време си е на негово име и јас не сум имал никаков допир со тоа земјиште, ниту право на сопственост.
Истиот сведок буквално истото го тврди и за станот од околу 65мкв, купен со негови пари и во негова сопственост и тогаш и денес, а за станот од 45 мкв не ме посочува ниту мене, ниту некое конкретно лице поврзано со мене дека му дало некакви пари нему или на неговта секретарка Татјана Стојановска на чие име и на име на нејзина фирма ги купил двата стана.
Истата кажа дека само претпоставувала дека земјиштето од 2,700 квадрати и тие два стана се мои, бидејќи така и кажал нејзиниот шеф, кој патем речено е под уцена во предметот “Империја” и под уцена од извршената контрола во неговите фирми непосредно пред да биде повикан да биде сведок во овие случаи.
Впрочем и самиот Камчев во објавениот телефонски разговор на јутјуб посочува под каков притисок освен самиот тој, бил и Александар Ивановски и други сведоци за кого раскажува од прва рака бидејќи се сретнал со него и разговарал.
Ќе пропуштев уште нешто. Обвинетиот Ристо Новачевски, соработник на обвинителството откако беше притворен и откако беа направени контроли на неговите фирми, веројатно со намера на обвинителството предметот да го направат по шаренолик, кажал дека сум му рекол да купи и купил на аукција некоја мала земја вон градот Крушево за околу 650 евра, или околу 40.000 денари, за која кажал дека ја купил со негови пари и си останала негова, и ниту сум имал ниту имам допирна точка со тоа.
Накратко кажано, обвинителството не понуди ниту еден материјален доказ за купување, продавање или сопственост на мој имот, ниту предложи еден сведок кој директно ме посочи мене во смисла дека јас сум побарал од него, да ми изврши било што во врска со овој имот.
Сè се сведе на претпоставки, филмувани индиции и ниту еден доказ на кој може да се заснова пресуда.
3. Еве ги најважните поенти на сведоците. Имајте во предвид дека дел од нив беа под огромен притисок и уцена, но и да немате обѕир за тоа ќе видете дека реално никој не ме посочува дека сум побарал било што од него по ова прашање.
1. Сведокот Александар Ивановски (познат по прекар Алек Теранова) цело време зборуваше за “претпоставки” и “логики” и како тоа цело време претпоставувал дека купувал имот за мене, пред се затоа што становите биле во близина каде живеам.
За земјиштето од 2.700 мкв, како и за двата стана кои ги купил со негови пари, кажа дека никогаш не добил пари од мене за тоа и денес истите се во негова сопственост, како и она земјиште од 11.000 метри квадратни.
Во судот изјавил дека сме се сретнале неколку пати но никогаш ниту јас, ниту тој не отворил тема за ова, ниту било што сум побарал од него поврзано со купување и прикривање имот. Ако веќе зборуваме за логика, логично би било кога веќе сме се гледале да ги проверел претпоставките, или јас да прашам нешто околу тоа или да се заблагодарам и слично.
Наспроти ова, тој точно и прецизно раскажува како јас се однесувам кога сакам да купам стан. Имено раскажува дека по моето заминување од Македонија сум му се јавил на телефон и сум го прашал дали има стан за продавање бидејќи моето семејство сака да го замени живеалиштето со друго, а тој ми одговорил дека нема. Со ова сведокот јасно прикажа како изгледа реална ситуација кога сакам да купам стан, директно, јасно и отворено, без посредници.
2. Сведокот Серјожа Марков, адвокат, кажа дека единствен што кај него се појавил за земјиштето бил Александар Ивановски и дека јас никогаш не сум побарал од него како адвокат било каква услуга. На коментарот дека А.Ивановски му рекол дека земјиштето е за мене, самиот искоментира дека тоа е дел од менталитетот на многу бизнисмени во земјата но и на целиот Балкан, да се фалат со повисоки авторитети и кога немаат никаква врска со нив.
3. Сведокот Менка Макаровска исто така го посочи како единствен Александар Ивановски дека имал полномошно за офшор фирмата и воопшто не ме спомна мене.
4. Сведокот Бранкица Ивановска исто така не ме спомна никаде и кажа дека не го пишувало моето име никаде во документите што ги преведувала.
5. Сведокот Миле Јанакиески беше под голем притисок од обвинителството. Тој раскажа дека сум имал стил на микроменаџирање, дека сум ги знаел сите проблеми и проекти на памет и дека сум се интересирал за сите да одат напред и што повеќе да се гради.
За да се спаси од притвор кој му висеше над глава бидејќи во тие денови чекаше одлука на апелациониот суд за неговиот притвор, кажа дека во рамките на разговор за сите точки на комитетот за градежна експанзија и развој, каде се расправало за илјадници земјишта, сум дал согласност за урбанизација на земјиштето од 11 илјади мкв и дека истото сум го направил и во комбето при теренските посети во Скопје.
Ова не е точно и веднаш се демантираше со цврст и непобитен доказ, одкако судот од владата по официјален пат ги доби сите записници од тој комитет од тоа време, од кој се виде дека на ниту една негова седница не сум присуствувал, и седниците ги водел Миле Јанакиески како потпретседател на комитетот.
Од увидот во записниците се установи и дека тоа земјиште воопшто не било на дневен ред на ниту една седница и сето ова го потврди вештак.
Исто така сведокот Соња Липиткова кажа дека како тогашен заменик министер за екологија присуствувала на сите до една седници на комитетот и дека јас ниту еднаш не сум бил присутен, ниту пак се зборувало за било кое од двете земјишта на Водно.
Сведоците Коце Трајановски, тогашен градоначалник на Скопје, Гордана Клинчарова тогашен секретар на градот и Дејан Митровски-Урко тогашен шеф на моето обезбедување, потврдија дека заедно со другите биле присутни во комбето при теренската посета на неколку скопски општини и дека не само што не станало збор за тие земјишта, туку и немало воопшто посета на Водно со комбето.
Така што, притисокот на Миле Јанакиески од страна на обвинителството се покажа залуден и контрапродуктивен за нив.
6. Сведокот Александар Јанакиески, тогаш одговорно лице во општината Центар за урбанистички планови, а потоа и во градот Скопје, кажа дека никогаш не сум му побарал никаква лична услуга, ниту пак сум барал било што за посочените земјишта. Спомна дека Алек Ивановски се повикувал на моето име, дека имал некој разговор и со Миле Јанакиески околу викенд населбата во Крушево, но и додаде дека честа пракса било на разни бизнисмени и функционери да се повикуваат на мое име за да си завршат побрзо некоја работа и за да им обрне повеќе внимание.
7. Сведокот Гордана Јанкуловска, која обавуваше функција генерален секретар на партијата објаснувајќи како се одвивало финансирањето на партијата кажа дека никогаш не сум и побарал пари од партиската каса, кога тоа било под нејзина ингеренција и контрола.
Исто така кажа дека секогаш таа го примала донациите лично а во многу ретки случаи кога заради приватни причини била отсутна од работа и не можела да дојде на закажаната средба, се случило донатори да остават помали износи на средства кај мене или кај секретарката кои веднаш и биле предавани по нејзиното доаѓање.
Таа исто така кажа дека немало ниту еден случај кога некој донатор ја известил дека оставил средства кај мене или кај било кој, која таа не ги добила како одговорна за финансирањето на партијата.
При сведочењето на Гордана Јанкуловска во отсуство на сериозни аргументи, обвинителката главна тема наметна дали имало или не сеф во мојата канцеларија, како да е тоа некаков доказ за нешто.
8. Сведокот Влатко Чинговски, тогаш директор на ЕЛЕМ и член на ИК на партијата, кажа дека тој редовно како човек со партиски теренски одговорности доставувал писма и пакети до генералниот секретар Кирил Божиновски и се сомневал оти така му било логично дека во некои од нив можеби имало пари.
Но, самиот кажа дека пари никогаш не видел во тие пратки. Од друга страна, оној на кој му ги доставувал пратките, генералниот секретар Кирил Божиновски во судот кажа дека никогаш немало пари во тие пратки и дека тој не ги отворал лично, туку вработените во неговиот кабинет, кои понатаму постапувале по барањата и поплаките од тие писма и пратки.
9. Сведокот Мартин Протогер кој исто така беше под притисок на истиот обвинител во друг предмет кажа две важни работи од кои едната беше побиена со документи а втората сам си ја поби.
Тој кажа дека по сила на функција претседателот на партијата има клуч и шифра од сефот на генералниот секретар, што лесно се поби откако судот официјално ги доби статутот и актот за организација на партијата со мислење на судски вештак, каде се гледа дека такво нешто не постои.
Втората работа е што кажа дека уште пред периодот кога предметното земјиште од 11 илјади мкв се продало јас сум имал здравствени проблеми со кашлање заради загадениот воздух и лекарите ми препорачувале да живеам некаде на повисоко каде воздухот е многу почист и дека сум му зборел дека сакам да побарам земјиште во Сопиште, што е точно.
Потоа за да ги задоволи апетитите на неговите сатрапи од обвинителството измисли дека во некоја прилика сум му кажал дека сум купил некоја земја од 10 илјади мкв кај куќата на Ристо Гуштеров.
Земјата за која ме теретат нема врска и не е во непосредна близина на таа куќа на овој бизнисмен така што тоа му беше првото самопобивање.
Второто самопобивање беше кога го продолжи исказот и самиот кажа дека непосредно по тој настан повторно сум продолжил да му говорам дека заради проблемите со кашлањето морам да најадам некоја локација на повисоко во Сопиште и дека повремено тоа сум го повторувал до самиот крај на нашата соработка, со што тој сфатил дека не сум купил никакво земјиште претходно а потврдата дошла кога тогашната опозиција ме нападнала за земјиште на Водно а јас сум му кажал да демантираат затоа што тоа не е точно.
10. Сведокот Нинослав Стојановски кажа дека бил благајник и претседател на МК ,,Два бреста,, и дека членството собирале пари, обично по 200 денари, за ситни трошоци како купување сокови, поправка на кров на штабот, и слично и дека никогаш не ми предале пари мене, дури и дека никогаш тој не се запознал со мене.
11. Сведокот Ленче Папазова била сметководител на фирмата и кажа дека никогаш не сум побарал од неа да ми заврши некои лични услуги и дека нејзе и се јавил Ристо Новачевски за да ја ангажира за да го води сметководството на таа фирма. Кажа дека претпоставува дека се јавил по некоја препорака, но не се сеќава чија.
12. Сведокот Бисерка Јовкова Ќаева, сопственик на еден од двата стана, даде контрадикторна изјава во која сама себе се негираше.
Најпрвин таа изјавила дека станот за кој ме теретат бил нејзин и кога решиле да го продадат кажала на многумина дека го продава, но подоцна во изјавата кажала дека мене никогаш не ме сретнала до тој момент на продажба на станот, што значи дека не ми го понудила мене.
Потоа под очигледен притисок кажа дека станот го купиле некои мои адвокати кои не знаеше да ги наведе по име, а од договорот за купопродажба се гледа дека станот го купила фирма сопственост на секретарката на Александар Ивановски-Татјана Стојановска за што платила данок, и потоа редовно плаќала данок и на крај по 7-8 години склучила договор за изнајмување со мене на тој стан.
Конечно, на прашање дали е сигурна дека тоа биле адвокати/луѓе на Груевски, изјавила дека не е сигурно но претпоставува.
Повторно претпоставки на исплашени луѓе.
13. Сведокот Илија Гечев, бизнисмен од Кавадарци беше еклатантен пример за обид за манипулација на обвинителството со судот, за среќа неуспешен.
Имено, сведокот раскажа дека министерот за транспорт во тоа време Миле Јанакиески го известил дека некое земјиште се продава кое според описот е во близина на едно од земјиштата за кои ме теретат, па идејата на обвинителството била да создадат перцепција дека Миле Јанакиески бил ангажиран да бара купувач за мое земјиште.
За среќа во судот се разјасни, дека тоа земјиште кое му било понудено да го купи не било ни 11 илјади, ни 2,700 метри квадратни туку 1.200мкв и било сопственост на бизнисменот Дејан Панделевски.
Гечев потврди дека никогаш во нашите меѓусебни средби не сум му спомнал било што за земјиште на Водно.
14. Сведокот Татајана Стојановска најпрвин раскажа дека нејзиниот шеф Александар Ивановски ја викнал и ја замолил да на нејзино име купи еден па уште еден помал стан и едно земјиште и ѝ кажал дека тие се за мене наменети.
Но, потоа на прашања изјавила дека таа нема ниту доказ, ниту со сигурност знае дека тоа навистина било така, бидејќи има само еден извор, а тоа е нејзиниот шеф Александар Ивановски, кој наводно така и кажал. А и самиот Александар Ивановски во судот изјави дека и тој претпоставувал дека е така, оти друг така му кажал (а тој друг тоа го негираше во судот) и оти имало логика бидејки становите биле во близина каде живеам.
Кај сведокот Татјана Стојановска се откри дека не ја кажува вистината кога беше прашана дали има добиено некое писмо од мене одкако сум заминат, што таа го негираше, за подоцна ДХЛ да потврди дека во февруари 2021 година и врачил писмо испратено од мене, кое јас го објавив јавно и во кое барам да ми ја достави сметката за плаќање на киријата бидејќи во меѓувреме истече периодот во кој согласно договорот заради направената инвестиција не требаше да плаќам кирија. Всушност, јасно е дека Татјана Стојановска била инструирана од обвинителството да постапува така со цел да кажат дека не сум плаќал закупнина и тоа да им биде некаков доказ дека становите се мој скриен имот. Подоцна пратив уште едно слично писмо, во кое покрај истото од претходно ја понудив и опцијата за прекин на договорот. И тоа писмо го сокри и не одговори на повиците да каже дали примила писмо од мене, но и тоа ДХЛ го потврди со документ, а судот се увери заедно со наод на вешто лице, со издавање потврда дека ја примила ДХЛ пратката од мене, откако претходно неколку пати одбила да ја прими. Ова однесување во секој независен суд во светот ја елиминира кредибилноста на сведокот, кога двапати со писмен доказ ќе се фати во лага или дека нешто сокрива. Таа како лична секретарка на Александар Ивановски кажа и дека не знаела дали во време кога се купувале становите нејзиниот шеф бил пред бракоразводна постапка, што ја дава смислата на тоа зошто А.Ивановски купувал имот на туѓо име.
Сепак Т.Стојановска на крајот на сведочењето изјави дека никогаш не примила пари од мене и никогаш не сме се сретнале или разговарале по телефон. Факт е и тоа, како што веќе споменав дека десетина години сопствениците на двата стана си плаќале данок на имот.
15. Сведокот Сузана Николовска кажа дека неколку пати донирала пониски суми во денари за партијата по регуларен пат со уплата на жиро сметка и дека никогаш не се сретнала со мене а ме знаела само од телевизија.
16. Сведокот Драги Огњановски, припадник и поранешен кандидат за пратеник на партијата “Обединети за Македонија” кажа дека пред изборите во 2006 година донирал приближно пет илјади евра на партијата, дека ги доставил кај секретарот Гордана Јанкуловска, дека за тоа имал документ, но тој документ никогаш не го приложи на судот. Тој кажа дека никогаш мене не ми дал пари и не ме запознал.
17. Вештото лице Кире Костов во детали го разглоби она што на почетокот го напишав, а поврзано со анализата на материјалот добиен во Јавното Обвинителство од меѓународна правна помош, каде се гледа дека ниту јас, ниту мој близок или било кое поврзано лице со мене, ниту било кој од Македонија уплатил средства на фирмата Сирах Лимитид, ниту пак во фирмата се уплаќани пари во готовина (кеш), како што паушално тврдеше обвинителството уште првиот ден кога поднесоа обвинение.
Вештакот го објасни движењето на парите од банка во банка, уплатите и исплатите на фирмата мајка, но ни трага ни глас од моја или на мој близок вмешаност во истите.
Ова е всушност и најсилниот материјален доказ, после кој во било која земја предметот би бил затворен односно обвинението отфрлено.
Од вештачењето се гледа дека оваа фирма префрлила слободни средства од своето редовно работење на фирмата ќерка во Македонија – Сирах Инжињеринг, која со тие пари го купила земјиштето.
За какво перење пари и за какво збогатување мое да стане збор после овој доказ?
Ова беше и главниот аргумент на Јордан Камчев во тој дел од процесот кога ја говореше вистината и пред да отиде и да направи спогодба со обвинителството, која спогодба според сите сознанија не е само за овој предмет туку и за други каде тој би се теретел.
18. Вештото лице Дивна Станчева од катастарски аспект објасни дека во однос на земјиштата кои се предмет на ова обвинение и во однос на некаква пренамена која се случила, се било законски и согласно процедурите.
19. Сведокот Кирил Божиновски, поранешен генерален секретар на партијата недвосмислено кажа дека никогаш како претседател на партијата не сум му побарал и не ми дал пари во готовина, ниту пак примил некои пари од мене. Тој појасни дека сефовите во неговата канцеларија воопшто не ги користел. Кажа и дека никогаш не сум му кажал дека сум купил некаков плац или стан.
20. Сведокот Коце Трајановски, некогашен градоначалник потврди дека никогаш не сум му ургирал јас или мој близок околу промена на урбанистички план, ниту пак сум побарал од него било каква лична услуга поврзана со плацеви, станови и други работи.
Исто така кажа дека никогаш не сум му кажал дека сум купил плац или стан и доколку навистина имало потреба од некаква ургенција во градот, сведокот кажа дека сме биле доволно блиски да тоа го направам директно со него.
21. Сведокот Александар Бичиклиски кажал дека бил советник во град Скопје во 2012 година и дека пред и за време на гласањето на Генералниот урбанистички план никој не му влијаел како да гласа, но и дека никој не покренал иницијатива против тој ГУП.
22. Сведокот Емил Димитриев, во својство на порнешен генерален секретар на партијата кажал дека никогаш додека бил секретар не сум побарал ниту ми дал партиски пари, ниту пак чул такво нешто од неговите претходници. Никогаш не се ургирало преку него за промена на ДУП или ГУП.
23. Сведокот Борче Георгиевски во својство на советник во градот Скопје кажал дека гласал за ГУП-от без никаков притисок од било кого.
24. Сведокот Ирена Мишева во својство на претседател на Советот на г. Скопје изјавила дека никогаш, па ниту за усвојување на ГУПот и се немам јавено за ургенција или било какво барање.
25. Сведокот Лазо Малијански изјавил дека според геодетскиот елаборат во физичка делба не е можно да се прикриваат податоци и дека се запазила целокупната законска постапка и не може да стане збор за некакво фиктивно пренесување на реален дел од земјиштето.
26. Сведокот Ѓорѓија Сајковски во својство на преставник на партијата и актуелен генерален секретар на партијата изјавил дека партијата има своја жиро-сметка, има ангажирано сметководствено биро и дека прават завршни сметки. Напоменал дека во партијата се вршеле и редовни ревизорски контроли и според извештаите нема никакви недостатоци во работењето.
Нагласил дека не се чувствуваат оштетени, ниту имаат информација дека се оштетени и изјавил дека не предјавува никакво оштетно побарување од инволвираните во овој предмет.
27. Сведокот Наташа Несторовска изјавила и објаснила во детали дека се било во ред со плаќањата во банката при купородажбите на земјата и дека е запазена целата процедура односно се работело согласно законите во државата.
28. Сведокот Софија Куновска која во 2012 година била советник и координатор на советничката група на СДСМ во градот изјавила дека тогаш имало расправа за ГУПот и потоа регуларно бил изгласан, и дека ГУП-от се однесува за поголем дел на градот а не само за една општина.
29. Сведокот Ивона Талевска, како тогашен новинар раскажала дека од лично искуство и сведоштво преку примери била запознаена дека јас и Јордан Камчев во тој период не сме биле во добри односи , дури и во лоши односи, што јасно укажува дека не било можно да тој за мене прикрива некаков имот.
30. Сведокот Дејан Митровски – Урко во својство на мој поранешен шеф на обезбедувањето навел дека бил присутен во комбето во непосредна моја близина, како и секогаш во било кое превозно средство во кое сум бил јас, при теренската посета и дека комбето воопшто не се придвижило кон Водно, ниту пак сум издал инструкција за некое земјиште на Водно.
Тој навел дека имав здравствени проблеми и потешкотии со дишењето заради што често сме оделе на пешачење на повисоко, но дека никогаш ниту видел, ниту чул дека сум купил некакво земјиште на Водно, ниту пак станови.
Навел и точно од кој стан секој ден сум излегувал, односно од оној каде цело време живеев, бидејќи природата на неговата работа беше да ме следи од моментот на напуштање на домот. Истиот навел дека во повеќе наврати сум зборувал, се до крајот на нашата заедничка работа во 2014 година, дека заради советите на лекарите, сум сакал да купам земјиште во Сопиште, но дека не сум го реализирал тоа.
31. Сведокот Сергеј Самсоненко изјавил дека земјиштето е во негова сопственост, што го докажал и со документи.
32. Сведокот Владимир Стаиќ истото го потврдил за друг дел од истото земјиште.
33. Сведокот Соња Лепиткова, во својство на заменик министер за екологија и член на комитетот за градежна експанзија изјавила дека присуствувала на сите до една седници на тој комитет, без ниту една седница да пропушти, и дека иако формално јас бев претседател на комитетот, го потврдила она што се гледа и од записниците кои владата ги достави и се ставија на увид на судот, дека никогаш не сум водел седница на комитетот и дела секогаш седниците ги водел Миле Јанакиески како потпретседател, така што и не сум можел да остварувам некакво влијание на тој комитет.
Истата изјавила дека никогаш не сум и се јавил да ургирам за било што, ниту било кој друг се јавил во мое име да ургира кај неа. Напоменала дека никогаш никој не и се јавил да ургира за земјиште на Водно.
34. Сведокот Гордана Клинчарова во својство на поранешен секретар на г. Скопје изјавила дека иако долго се познаваме, уште од 1999 година, никогаш никој, а најмалку јас сум и се јавил за било каква ургенција во градот Скопје за плацеви или станови. Истата потврдила дека била присутна на теренското работење и движење со комбе на поголем број лица од различни институции, и дека истото не се придвижило кон Водно и не станало збор за плацеви на Водно.
35. Сведокот Кицо Петрески во својство на поранешен мој телохранител од 2006 до 2018 година, изјавил дека во неколку наврати низ годините сум се интересирал кај него за климатските услови за живеење во повисоките делови на Сопиште каде што тој има викендица и сум му кажал дека по совет на лекарите а заради обилно кашлање во зимските месеци, кое беше заради загадениот воздух во Скопје, треба да најдам и купам некој плац во Сопиште на кој би изградил куќа за живеење. Изјавил дека сме разговарале за тоа која е надморската висина таму, како се цените и колку е чист воздухот. Изјавил и дека во еден од тие разговори некаде во 2018 година сум изразил желба да го разгледам тоа место и дека отидов и поминав неколку часа разгледувајќи ги земјиштата таму, дека ми се допаднало но дека не сум купил плац таму, што е точно, а главна причина беше фокусираноста на политичкиот прогон и секојдневното поминување на денот во судот.
Ова со Сопиште е само уште еден показател дека не сум имал плац на Водно, штом толку долго и толку често сум размислувал и разговарал со повеќе мои блиски соработници за купување плац за живеење во Сопиште. Најмалку пет мои поранешни соработници во својство на сведоци во овие сведочења го потврдија истото.
Сите овие 35 сведоци сведочеа до моментот додека Јордан Камчев не направи три средби со обвинителкаат Лиле Стефанова без присуство на неговите адвокати, каде договорил соработка со ветување привилегии во овој и во други предмети против него, поточно во овој предмет да добие најниска можна казна, а не го знам договорот за другите предмети, но наскоро и тоа ќе се дознае или ќе стане јасно.
Така, одеднаш Ј.Камчев го предложи неговиот зет од сестра за сведок, го смени целокупниот наратив и изјави и суштината на дотогашната одбрана, вештачења, изјави на сведоци, и одеднаш, во еден миг, синхронизирано со зетот Мето Стојчески започна комплетно нова приказна, во која тврди дека кога Ристо Новачевски му се јавил да го понуди земјиштето за продажба, наводно му кажал дека тоа земјиште е мое, па Камчев се исплашил да не му се одмаздам и затоа го купил без воопшто да провери дали навистина е мое земјиште, и дека наводно ми чувал три стана како компензација на име на фирмата на неговиот зет Мето Стојчевски.
36. Зетот на Камчев – Мето Стојчевски, како дополнително предложен сведок кажа дека јас никогаш од него не сум побарал било каква услуга за земјиште или станови и дека иако сме се познавале и повремено сме се среќавале, никогаш не сме разговарале ниту за наводни мои земјишта, ниту за наводни три стана кои тој наводно ми ги чувал.
Наместо тоа тој навел дека трето лице му го кажало тоа, а тоа трето лице, го негираше истото во судот.
Мето Стојчески не знаеше да одговори и како и со кој пари ги купил становите но кажал дека имал чуство дека не се негови.
Очигледно, спасувајќи го неговиот шура, беше во непријатна ситуација и оттука целата конфузност која произлезе од овој во последен момент направен договор за спасување на Камчев и мое теретење. Овој нечесен договор е всушност последен обид за спас на обвинителството од губење на случајот, иако и со овие последни нагло сменети изјави во било која нормална земја судот би констатирал дека непостојат матерјални и вербални докази за некого да прогласи за виновен и би следела ослободителна пресуда.
Со обѕир на нивните роднински врски и со обѕир дека Камчев е обвинет, исто како и Ристо Новачевски, секој нормален суд во развиена земја во светот овие изјави не би го земал во предвид, бидејќи во светската судската теорија и пракса стои дека исказот на обвинетите (а со тоа и нивни блиски роднини) не може да се земе како сведочење, бидеќи обвинетите може и да лажат за да се спасат.
Македонското судство е пред нов испит и предизвик.
Тој не би постоел ако власта ги остави судиите да судат според доказите и Законот, или ако се охрабрат да и се спротивстават, бидејќи тие знаат што се докази и го знаат законите.
Дали ќе ги остави да одлучат без притисок, или дали ќе се охрабрат да се спротистават на тој притисок ќе се види скоро.