Денеска нова средба на историските комисии на Македонија и Бугарија – Љоровски нов член во македонскиот тим


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Димитар Љоровски е новиот член во македонската историска комисија кој денеска ќе седне на масата на новата средба со историската комисија на Бугарија.

Љоровски е предлог на македонскиот тим историчари предводени од Драги Ѓоргиев и веќе го помина филтерот на затворена владина седница, па е подготвен денеска во Скопје, да седне на столчето на Ванчо Ѓоргиев – историчарот кој пред една година демонстративно ја напушти средбата со бугарските колеги обвинувајки дека е под притисок.

Според достапните информации, Љоровски е македонски историчар и професор во Институтот за национална историја Скопје. Неговиот научен интерес првенствено е насочен кон историјата на Балканот во доцноосманлискиот период и Македонското револуционерно националноослободително движење.

Денеска и во четврток на македонски терен, историчарите од Македонија и Бугарија повотно ќе ги отворат истите тези со надеж дека ќе постигнат одредени резултати. Неофицијално од Комисијата велат дека иако во фокус е Гоце Делчев, тешко дека во следните два дена воопшто ќе се стигне до неговата точка.

– На претстојната средба очекуваме да продолжиме со учебиците за VII одделение во Северна Македонија, со теми од средновековната историја од 10 – 11 век. Имаме и технички прашања за да продолжиме со старите протоколи на комисијата. Продолжуваме со дискусија за Гоце Делчев како личност достојна за заедничка прослава на двете земји. – вели Наум Каичев Комисија за историски и образовни прашања од бугарскиот тим.

Пред еден месец Историската комисија ги објави препораките усогласени уште во 2019 година за заедничко чествување на пет историски личности браќата Кирил и Методиј, Климент и Наум и Цар Самоил. Обајвени беа и препораки за учебниците по историја во 5ти клас во Бугарија и 6 то одделение во Македонија. Јавноста се крена дека истите се пораз за Македонија, а тимот на Драги Ѓоргиев се бранеше дека била празна и исполитизирана реториката за наводна бугаризација на Македонија и Македонците.