Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Денес, на скопските улици, неколку илјади луѓе излегоа на протест со барање за ослободување на затворените за насилствата во Собранието од 27 април 2017 година. Протестот под мотото „Демократија во Македонија, слобода за уставобранителите“ почна пред владата, а заврши пред Собранието, пренесува Слободна Европа.
Учесниците на протестот пеат патриотски песни и скандираат „Никогаш северна, само Македонија“, како и „Слобода за браќата“. Тие побараа и оставка од Владата и предвремени избори. Насобраните носат македонски знамиња, транспаренти и маици со барање за безусловно ослободување на осудените. Според организаторите, обвиненијата за тероризам на затворените за 27 април се политички монтирани, а досудените казни драконски.
„Бараме Врховниот суд на Македонија да ги поништи пресудите против сите за настаните од Собранието на Македонија на 27 април 2017 година и да го обнови судењето поради дополнителни докази за лажни изјави на сведоци и селективен избор на докази и сведоци против обвинетите“, побара оперскиот пејач Игор Дурловски во името на организаторите.
Двајца млади припадници на навивачката група Комити, кои носеа фантомки, инсистираа на протестот да се побара и правда за Саздо, навивач кој беше убиен во тепачка, но редарите спречија да дојде до инцидент.
Македонската химна ја изведоа оперскиот пејач Игор Дурловски и пејачката Андријана Јаневска, кои пред Собранието испеаја уште неколку песни.
Дурловски беше еден од обвинетите за настаните од 27 април, но судот го ослободи од вина.
Меѓу присутните се и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата претходно соопштија дека го поддржуваат протестот и бараат ослободување на „уставобранителите“.
Од СДСМ реагираат дека со поддршката на денешниот протест ВМРО-ДПМНЕ стои на браникот на криминалот и криминалците.
На 27 април 2017 година демонстрантите кои со денови протестираат против двојазничност во државата упаднаа во Собранието за да спречат избор на нов претседател на Парламентот од новото парламентарно мнозинство.
Во март 2019 година, 16 луѓе беа осудени на затворски казни од над 10 години или вкупно 211 години затвор за кривичното дело „терористичко загрозување на државниот поредок”. Меѓу нив се поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, припадници на МВР и на Агенцијата за разузнавање. Во февруари годинава Апелациониот суд благо им ги намали казните на дел од осудените, на вкупно 188 години затвор.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ обвинети за насилствата беа амнестирани, а дел од нив потоа гласаа за промена на името.