Денес во 18 часот средба на политичките лидери за есенскиот референдум


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ги покани на средба денеска во 18 часот во Клубот на пратениците лидерите на политичките партии со повеќе од еден пратеник во Собранието. Се очекува на средбата да стане збор за надминување на разликите со опозицијата околу подготовките на референдумот за Договорот со Грција што треба да се одржи наесен.

– Заради исклучителниот политички момент кој наложува проширување на институционалната рамка на лидерските состаноци, на оваа средба во формат 1+1 (лидерот на партијата плус уште еден претставник на политичката партија), се поканети партиите со повеќе од еден пратеник во Собранието на Република Македонија, наведоа во соопштението од Владата.

Според најавеното, поканети на средба се лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на двете крила на Беса Билал Касами и Африм Гаши, на ДОМ Лилјана Поповска, на ДПА Мендух Тачи, на Алијанса за Албанците Зијадин Села, на ЛДП Горан Милевски, на НСДП Тито Петковски и на СПМ Љубисав Иванов – Ѕинго.

На лидерската средба, јави МИА, се очекува да присуствува и лидерот на опозицијата Мицкоски, иако се уште нема официјална потврда од партијата. Присуството на средбата го потврдиле Ахмети од ДУИ, Петковски од НСДП кој на средбата ќе учествува со Горан Мисовски, потпретседател и пратеник од оваа партија, дел од коалицијата на СДСМ, Поповска од ДОМ која ќе дојде со пратеничката Маја Морачанин…

Ова е првпат лидерска средба да се одржува во ваков состав односно да бидат поканети и лидери на партии кои имаат повеќе од еден пратеник во Парламентот.

Премиерот Заев ја закажа лидерската средба откако, како што беше посочено, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го блокираше процесот за избор на членови на Државната изборна комисија (ДИК), која треба да го организира референдумот за договорот за името со Грција. Владата вчера предложи, а Собранието ја изгласа потребата за носење на Изборен законик, по скратена постапка и со европско знаменце. Со него се предвидува составот на ДИК да се гласа со 61 глас, а се брише и ставот 3 од членот 27, Комисијата за прашања на изборите и именувањата да не го разгледува предлогот. Измените финално треба да бидат донесени по заседанието на Комисијата за европски прашања, за која нејзиниот претседател Артан Груби кажа дека се уште не се знае кога ќе биде закажана. Сепак, и Владата и Собранието оставија простор измените на Изборниот законик да не бидат донесени доколку се постигне компромис со опозицијата на денешната лидерска средба.

Премиерот Зоран Заев од вчерашната прес-конфереција со еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје најави дека лидерската средба ќе биде за надминување на разликите со опозицијата околу подготовките за референдумот што ќе следи во Република Македонија.

– Сите треба да останеме посветени на овој момент, да помогнеме на овој процес, како што укажа еврокомесарот, пред се за доброто на граѓаните на Република Македонија, но и на нашите партнери во ЕУ, и затоа најверојатно утревечер ќе свикаме лидерска средба за да ги забрзаме процесите околу подготовката на РМ за престојниот референдум, рече премиерот.

Во понеделникот, пак, премиерот Заев изјави дека очекува до крајот на неделава да се заокружи процесот околу датумот, прашањето и карактерот на референдумот за името.

– Овие работи очекуваме до крајот на неделата заедно политичките лидери, претставници на политичките парламентарни партии, да ги дефинираме заради тоа што роковите се собираат, времето се собира ако сакаме да ги фатиме датумите 23 септември, 7 октомври како некои проектирани датуми. Очекувам дека оваа седмица ќе можеме да го заокружиме процесот и околу датумот за референдумот и прашањето и околу карактерот, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања по стартот на изградбата на фабриката на американска „Дура“ во Бунарџик.

Тогаш кажа дека продолжуваат разговорите околу законот за финансирање на политичките партии и изборот на ДИК, делот околу техничка влада, Пржинскиот процес…, но и оти заслужува внимание барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори, пред да се разговара за членството во НАТО и ЕУ, ако, како што вели, тоа го гарантира успешниот референдусмки процес.