Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Делницата од автопатот „Пријателство“ помеѓу Смоквица и Демир Капија, за чија изградба и грчкото и македонското обвинителство отворија финансиска истрага, денес се пушта во употреба.
Иако проектот е започнат од времето на претходната власт, претставници од ВМРО-ДПМНЕ најверојатно нема да присуствуваат на свечено пуштање во употреба на автопатот Демир Капија – Смоквица.
„Тоа треба да се праша организаторот, но за официјална покана не сум слушнал. Можеби на некого му е доставена лично, можеби на тогашниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски или Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, но на агендата не ми е познато дека некој од партијата ќе оди утре на отворањето“, изјави портпаролот Иво Котевски.
Инаку, поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на два пати, завчера и вчера, реагираше на социјалните мрежи, истакнувајќи дека пуштањето во употреба на автопатот било свесно одолговлекувано за СДСМ да го прикаже проектот како свој и дека во последниот период не биле запазени безбедносните стандарди.
На денешната свеченост ќе учествува премиерот Зоран Заев, претставници на Директоратот за проширување на Европската Унија, највисоки претставници на Делегацијата на ЕУ во Македонија, членови на македонската Влада како и претставници на локалните самоуправи низ кои поминува автопатот „Пријателство“. На настанот се очекува и министерот за инфраструктура и транспорт на Република Грција Христос Спирцис, како и претставници на компаниите изведувачи на работите на делницата.
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) минатиот месец објави дека отвора истрага под име „Актор“ за изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. Предметот, според СЈО, се однесува за фаворизирање на грчката компанија „Актор“ за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, иако подобра понуда имала италијанската компанија „Тото“. Покрај тоа, во „Актор“ има сомненија и за перење пари.