Денес се очекува состав на Владата, утре СДСМ ќе бира нов партиски лидер


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада Зоран Заев најави дека може да се очекува денеска да биде познат составот на неговиот владин кабинет, а следната недела да биде избрана нова Влада.

Последните со кои разговараше Заев, беа Алијанса за Албанците на Села и движењето Беса.

Села во вечерашното интервју за телевизијата Алсат М, рече дека без разлика дали тие ќе влезат во новата влада или не, ќе му дадат целосна поддршка на мандатарот Зоран Заев да раководи со државата.

Но од БЕСА, по првичната согласност за учество во Владата, сега излегоа со нова листа  принципи со кои го условуваат учеството во власта. Од БЕСА инсистираат во власта да нема луѓе за кои Специјалното јавно обвинителство води постапки, но бараат и рокови за донесување некои закони, како на пример законот за јазиците и за редефинирање на државата. Прво чекаат одговори за исполнувањето на овие принципи, па потоа ќе разговараат за ресори.

Повеќе од седумстотини делегати на СДСМ утре на партискиот Конгрес во скопскиот хотел Александар Палас ќе избираат лидер на партијата и членови на Централниот одбор.

До денеска, актуелниот лидер, Зоран Заев, е единствениот кој на јавно објавениот повик се кандидирал да ја води партијата.

Ако до сабота до 11 часот не пристигне друга кандидатура, тогаш неговата кандидатура ќе биде разгледана и формално одобрена од членовите на стариот Централен одбор кој ќе има седница пред самиот Конгрес.