Денес се чествува Бадник – традиција, обичаи и верувања


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Најголемиот дел од обичаите поврзани со Бадник, кои се изведуваат денот пред Божиќ, се останати од минатото и се пренесуваат преку народната традиција.

Овие зимски празници кои во древните култури биле поврзани со „раѓањето на новото сонце“ што значело и обнова на животот, во христијанската црква се одбележуваат како денови поврзани со Христовото раѓање. Иако дел од обичаите кои се спроведуваат на Бадник и Божиќ во некои детали меѓусебно се разликуваат од регион до регион, сепак, во основа се изделуваат неколку заеднички елементи, како што се палењето на коледарскиот оган, обредите околу подготвувањето на бадниковото дрвце и коледарските поворки проследени со пеење коледарски песни.

Датумот за одбележување на овој празник е непоместлив и секогаш е на 6 јануари. Неговото одбележување започнува со сечењето на дрвото Бадник, а според старословенските обичаи, при сечењето на дрвото, тоа се поздравувало со реченицата „Добро утро Бадниче и среќен ти Божиќ“ со што се навестува дека дрвото Бадник било персонифицирано со живо суштество.

Дрвцето Бадник се сече од источна страна и низ традицијата се внимавало на тоа отсеченото гранче да падне на источна страна, а големо внимание се посветувало и на тоа неговото сечење да се одвива во тишина. Првата иверица од Бадник не смеела да падне на земја, бидејќи со тоа би ја изгубила ефектната моќ, а во текот на ноќта се внимавало кога дрвцето ќе прегори. Тој којшто прв ќе го приметел прегорувањето добивал награда од домаќинот, а самото прегорување домаќинот го најавувал со истрел од пушка.

За вечерта пред големиот верски празник Божиќ, како што напишал и Кузман Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: Бадник – будник“. Самото име потекнува од бдеењето, односно будноста на луѓето покрај обредниот оган. Во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека во Кукуш од пенушката оставале едно парче „кое вардат до другата година, за да потпалет огнот во истиот вечер“, а во Воден „това парче закопват в лозје за да се сторит лозјето црно“.

Обичаите околу Бадник наложуваат и подготвување на богата софра, која по завршувањето на бадниковата вечера не се крева, туку заедно со храната останува да стои целата ноќ, а во некои места се остава и во текот на трите денови додека се празнува Божиќ. Сето ова се прави поради верувањето дека ноќта ќе дојде „дедо Боже“ и ќе се нахрани на трпезата, а во некои краеви оваа обредна посна вечера им е наменета на мртвите претци. Во Кукушко, каде домаќините подготвувале вечера за дедо Боже, трпезата се поставувала во дворот, а домаќинот го поканувал гостинот со зборовите: „Поели дедо Боже да вечераме.“

На Бадник софрата се поставувала врз слама за спомен на јаслите од Витлеемската пештера во која е роден господ Исус Христос. Покрај ова, постојат верувања дека доколку со оваа слама се врзат овошките таа ќе ги заштити од болести и штетници и ќе придонесе за богат род и бериќет.

Традиционално на Бадник, во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става сребрена пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечерата, домаќинототкако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравајчето на онолку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште два други дела: еден за Бога и еден за куќата.Сите присутни во својот дел ја бараат парата, а оној кој ќе ја пронајде се верува дека ќе биде најсреќниот во годината што претстои. По пронаоѓањето на парата, таа се ставала во грне или чаша со вино од која сите пиеле за здравје и среќа, по што ја давал на домаќиноти за тоа добивал подароци.

Голем дел од богатите обичаи и верувања за Бадник се поврзани и со обредниот оган и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во некои краишта дрвото што се гори е пенушка од даб, во други – смрека, а некаде се гори круша горничка бидејќи се верувало дека таа е најродна, а тоа се правело со една едниствена цел, да биде родна и следната година. Некои истражувачи сметаат дека бадниковото дрво, го симболизира духот на дрвото и вегетацијата, а други во него го гледаат божеството кое треба да обезбеди плодност (палењето на бадниковото дрво, го поврзуваат со соларната магија, која треба да му помогне на младото сонце да зајакне во деновите по зимската краткодневица).

Овој празник, со слични елементи е забележан во многу култури, каде се среќава верувањето дека на изнемоштеното Сонце, кое во овој период од годината најмалку е видливо на небото, може да му се помогне со палење силни огнови од земјата. Покрај оваа „соларна теорија“, постои и друга исцелителна или очистувачка теорија, според која огновите се поврзани со настојувањето да се уништат и изгорат сите штетни влијанија, било тие да се од природен или од демонски карактер (болви, вошки, змии, но и болести, вештици, караконџули и сл.) Во блиска врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледување, кога помали или поголеми групи одат по куќите каде што добиваат подароци, пеејќи пригодни коледарски песни. При тоа се палел коледарски оган, во огнот кој се ставал палешник (ралник), како и дебело дрво за да гори цела ноќ и утрото да има жив оган, бидејќи според народните верувања во тој случај ќе имало среќа за фамилијата. Тој ден, спроти Божиќ, машките деца оделе коледари, носеле икона од св. Богородица, торби и железни патерици и ги посетувале домовите пеејќи коледарски песни, за што биле дарувани со пари и земјоделски продукти.

Како што велат многуте народни преданија и приказни, коледарите со својата активност го објавувале раѓањето на Христово. За разлика од другите лирски песни, коледарските немаат развиена мелодијатуку се скандираат со карактеристични извици на почетокот и на крајот, со цел да се најави доаѓањето на големиот христијански празник Божик.

Коледарските песни се изведуваат на Бадник, Василица и Водици, а преовладувањето на мрачните сили и подземниот свет во тие денови е очигледно. Со сечењето на дрвцето Бадник и неговото принесување како жртва, и со разгорувањето на огништето се засилува причистувачката сила како помош за Сонцето, со желба да има онолку живот колку што има рој од бадникови искри. Самото горење на Бадник е почетен чин од почетокот на победата над темнината и смртта.