Advertisements
Актуелно

Денес последен ден од рокот за поднесување кандидатури за претседателски кандидат на СДСМ

Со денешниот, последен ден од рокот за поднесување кандидатури завршува конкурсот на СДСМ за пријавување на кандидати за претседател на државата. Сепак, овој концепт на избор на претседателски кандидат на владејачката СДСМ повторно остана делумно да „виси“ во воздух, бидејќи во меѓувреме владините коалициони партнери се вратија на преговорите за консензуален избор.

Двајцата партиски лидери на СДСМ и на ДУИ – Зоран Заев и Али Ахмети вчера се состанаа во клубот на пратеници каде беше решено повторно да му се даде шанса на избор на заеднички надпартиски кандидат кој ќе биде прифатлив и за македонскиот и за албанскиот електорат, но и за другите етнички заедници.

Заев најави дека како ќе поминува времето до крајот на неделата така на површина ќе испливуваат имињата на кандидатите кои ги задоволуваат консензуалните критериуми, а засега, според премиерот, најсериозни се пет кандидати кои имаат најголеми шанси.

Кој ќе ја претставува владејчката партија во претседателската трка ќе се знае на конгресот закажан за 3 март. Единствен кој досега има поднесено кандидатура за претседател од СДСМ е поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов.

Шестите претседателски избори беа распишани од претседателот на Собранието, Талат Џафери на 8 февруари. Првиот изборен круг е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.

Advertisements
To Top