Денес на полноќ завршува законскиот рок за поднесување претседателски кандидатури


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Денес на полноќ истекува законски предвидениот рок за поднесување на кандидатури за претстојните претседателски избори.

До Државната изборна комисија досега пријава поднел само Блерим Река, кандидатот за претседател поддржан од Алијансата за Албанците и Беса. Се очекува денеска кандидатите на СДСМ, Стево Пендаровски и на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова да ги поднесат кандидатурите до Државната изборна комисија.

Денеска ДИК ќе одлучува за кандидатурата на Блерим Река.

Кампањата за претседател на државата почнува на 1 април и ќе трае до 19 април по што следува изборниот молк. Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај. По кој реден број ќе се најдат кандидатите, ДИК ќе утврди на 25 март со ждрепка.

Победник на изборите е еден од двајцата кандидати кој во вториот круг освоил повеќе гласови, но под услов да биде остварен цензусот односно доколку гласале повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи. Кандидатот кој добил мнозинството гласови од запишаните во избирачкиот список, 900.000 ќе биде победник уште во првиот круг на 21 април, за кој нема цензус.

Доколку и во вториот круг ниту еден од кандидатите за претседател не го добил потребното мнозинство, се повторува целата изборна постапка.

Иако предизборната кампања официјално стартува на 1-ви април партиските кандидати одамна се веќе на терен и се обидуваат да привлечат што е можно повеќе гласачи. Од ДИК велат дека засега нема никакви законски пречки за овие активности, но тие ќе мора да запрат откако ќе бидат и официјално претседателски кандидати.