Демири на директорското место на Јовановска во Агенцијата за вработување, Павлески нов директор во Агенција за странски инвестиции


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Билјана Јовановска заминува од директорската позиција во Агенцијата за вработување, на која ќе ја замени дипломираниот економист Абдуш Демири. Ова е уште еден потег на Владата во промената на дел од третиот ешалон на извршната власт.

Арбен Виља е разрешен од должноста в.д. директор на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот. На негово место како в.д директор е поставен Дејан Павлески – дипломиран инженер по електротехника.

Според информации, Аљајдин Хавзиу е разрешен од должноста директор на Државниот инспекторат за труд. Нов вршител на должност директор на Државниот инспекторат за труд е Јована Тренчевска – дипломиран социолог.

Досегашниот заменик директор на Државниот завод за индустриска сопственост Горан Герасимовски сега станува директор на институцијата, на местото на Сафет Емрули.

Владата синоќа го именуваше Авдуљ Селам Селами, дипломиран правник за вршител на должност заменик на директорот на Управата за јавни приходи, а Ремзи Абдулахи, дипломиран правник за вршител на должност заменик на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Владата заклучила да му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација (М – НАВ) АД Скопје, за член на Управниот одбор да го избере Фахрудин Хамиди.

Со заклучок од оваа седница на Надзорниот одбор на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје му е препорачано, од должноста член на Управниот одбор на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје да го отповика Орхан Муртезани, а за член да го избере Аднан Азизи (дипломиран на Филолошки факултет).

На седницата Блажена Пејовска, дипломиран градежен инженер, насока-транспортна инфраструктура, е именувана за член на Управниот одбор на Јавното претпријатие за државни патишта.
Владата го именуваше Марјан Кицев за член на Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, како претставник од репрезентативниот синдикат член на Економско социјалниот совет.

Маја Аргировска, е разрешена од должноста член на Комисијата за одлучување по барањата за зголемување на формираната цена на лек, и на нејзино место ја именуваше Аница Иваноска Стрезовски.