Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
За да обезбедиме точно информирање и со цел да прикажаме целосна и вистинита слика пред јавноста, во врска со видеото објавено на социјалните мрежи и на некои од интернет порталите, во кое американски турист зборува за своето искуство со македонската царина кога му биле запленети дронови, Царинската управа остро реагира на невистините изнесени во видеото со кое се нарушува угледот на Царинската управа, други институции и целиот правен систем.
Би сакале да истакнеме дека доколку лицето Р.Р. сметалo дека му е нанесена неправда и дека постојат неправилности во постапката, истото можело и требало да ги искористи правните средства, кои не се разликуваат од оние што постојат во развиените европски држави, како што се жалба до второстепена владина комисија, тужба до Управен суд и жалба до Вишиот управен суд, кои во оваа држава се пропишани, функционираат и секојдневно се применуваат. Самото тоа што лицето Р.Р. одлучило да не ги користи правните механизми, туку се повикува на нешто што некој наводно му го кажал и нешто што наводно од некого го слушнал, зборува дека видеото е тенденциозно и со политичка позадина. Ова, дотолку повеќе што снимање на граничен премин без одобрение на надлежен царински и полициски орган е забрането бидејќи станува збор за објект кој е од стратешка важност за безбедноста на земјата.
За тенденциозноста говори и фактот што лицето Р.Р. лесно можело да искористи и некој од расположливите механизми за пријавување евентуални неправилности заради спроведување истрага за било каква злоупотреба на овластувања, несовесно, неефикасно и ненавремено вршење на работните задачи, односно на постапување спротивно на Кодексот на однесување на царинските службеници, како што се бесплатната телефонска линија 197 и Online пријава достапна на веб страната на Царинската управа, но не го направило тоа до денеска, кога за првпат преку Online пријава го доставило линкот, откако претходно го раширило преку социјалните мрежи за да ја постигне својата вистинска цел. Откако Царинската управа го доби видеото започна со сеопфатно испитување на тврдењата и околностите наведени во истото, кое ќе продолжи и во наредните денови.
На лицето Р.Р. (57), американски државјанин, на англиски јазик му било поставено прашање дали има нешто да пријави, и покрај тоа не ги пријавил дроновите кои ги имал, а се работи за два дронови со високи перформанси и вредност. Изнесените наводи дека странката е само турист кој не ги познавал законите во Република Македонија и немал намера да стори прекршок, не го оправдува, бидејќи согласно член 6 од Законот за прекршоците, за одговорност на физичко лице, доволна е небрежност. Вака е поставен царинскиот прекршочен систем во речиси сите земји членки на ЕУ.
Дејствијата преземени од страна на царинската испостава Меџитлија се во согласност со членот 96 од Законот за прекршоците со кој се пропишани мерките што можат да се преземат спрема прекршителот заради обезбедување присуство и за водење на прекршочната постапка, па со оглед дека лицето е странец правилно е спроведено привремено одземање на неговата патна исправа.
Воедно, привременото задржување на дроновите испоставата го извршила во целосна согласност со член 110 од Законот за прекршоците, притоа имајќи предвид дека со Царинскиот закон е пропишана прекршочната мерка задолжително одземање на предметот на прекршок.
Имајќи предвид дека лицето е странец и во согласност со Законот за прекршоците, спроведена е итна постапка во најкраток можен рок иако законскиот рок во вакви случаи изнесува три дена.
Странката со упатство за правно средство дадено во донесеното решение е поучена дека согласно член 74 од Законот за прекршоците против решението може да поднесе жалба во рок од осум дена до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
Во текот на видеото во повеќе наврати се зборува за корумпираност на царинските службеници и на целиот систем, без изнесување на нуту еден доказ за тоа, освен повикување на „рекла – казала“. Во контекст на ова, преведувачката на која се повикува лицето во видео записот, негира дека дала коментар во поглед на законитоста на постапката и во однос на тоа дека конфискуваните предмети се продаваат на црниот пазар, туку напротив му укажала дека постои Агенција за управување со одземен имот која спроведува лицитација на одземените предмети.
Царинските службеници не ги продале дроновите на некаков си „црн пазар“, туку истите се предадени на Агенција за управување со одземен имот на нејзино понатамошно постапување, кое е пропишано со закон и подзаконски акти.
Во досега спроведена истрага, која сеуште тече, не се утврдени никакви елементи на коруптивно однесување на царинските службеници, а определбата и напорите на Царинската управа за спречување на корупцијата се неспорни и потврдени и во извештаите на институциите, како последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во пристапувањето кон ЕУ, последниот извештај на Транспаренси Интернешнал и други.