Демант од Клиниката за детски болести за случајот со примањата на директорката Аспазија Софијанова


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Директорката Аспазија Софијанова никогаш не била исплатена со надоместоци во износите кои беа на одредени документи презентирани во јавност, реагираат од Клиниката за детски болести откако од страна на новинарот Фуркан Салиу од Клан ТВ во јавноста беа изнесени документи со наводни податоци  дека Софијанова земала над 3 000 евра месечно од Клиниката.

„Клиниката за детски болести како институција секогаш била отворена за транспарентна соработка со медиумите дури и во ситуации кога нашето време било потребно на друго место имајќи ја предвид нашата приоритетна работа грижата за здравјето на пациентите“, наведуваат во соопштението од Клиниката за детски болести изразувајќи жалење за начинот на комуникација во текот на вчерашниот ден.

Оттаму посочуваат дека месечната исплата на надоместоците на вработените во Клиниката се извршува со примена на Законот на здравствена заштита, според член 216 – дежурство, член 217 – посебен случај на дежурство, член 218 – готовност, член 219 – плата и дел од плата за работна успешност и член 220 – додаток за работа во дежурство и готовност.

„Во овие членови јасно наведено во кои околности и услови се исплаќаат надоместоците за дежурствата, кои се целосно утврдени, за состојба на готовност кога здравствениот работник треба да биде 24/7 достапен на телефон или со други средства за комуникација, како и за сите останати надоместоци“, посочуваат од Клиниката.

Откако беше обвинета од новинарот Фуркан Салиу дека земала над 3 000 евра месечно од Клиниката за детски болести, директорката на Клиниката Аспазија Софијанова рече дека не земала ниту денар надвор од нејзината работа. Начинот на пресметка на дежурства, додаде таа, е утврден со соодветен правен акт и тој се почитува до детаљ.

„И на крај, никогаш мојата плата не била 300 000 илјади денари“, вели Софијанова.

Според Салиу, кој објави и документ на својот фејсбук-профил, а за кој тврди дека е доказ за месечните примања на Софијанова, голем дел од сумата бил надомест за дежурства за време на кои директорката на Детската клиника наводно не била на работа. Според информациите што ги изнесе новинарот, д-р Софијанова земала повеќе пари за дежурствата отколку што ѝ е основната плата.