Дел од македонските средношколци денес ја бојкотираа наставата поради загадениот воздух


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Средношколската младина од повеќе државни средни училишта од земјава денес ја бојкотира наставата во знак на револт и протест против големата загаденост на воздухот која секоја година е наша реалност во есенските и зимските денови од годината.

Тие се придружуваат на денешниот „Марш за нашите животи! СТОП за 3.500 жртви од загадениот воздух!“ организиран од „Зелениот фронт“.

Маршот ќе почне во 17 часот пред Министерството за животна средина и ќе продолжи пред Владата во 18 часот. Денеска група средношколци ја бојкотираа наставата во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“. Директорот Драган Арсовски вели дека се собрале во дворот на училиштето и го изразиле својот став.

– Учениците се веќе вратени на настава. Не ја бојкотираа сите ученици, туку само една група. Сите се веќе вратени на настава – ни изјави тој.

Од скопскиот разгранок на „Петоци на иднината“ („Fridays For Future“) информираа дека на учениците неколку дена им се вршени притисоци од страна на директори на средни училишта денеска да не ја бојкотираат наставата и да не учествуваат во маршот.

Арсовски вели дека тоа апсолутно не се случило во „Корчагин“.

– Учениците си имаат свои права, значи ниту некој им се заканувал ниту им се заклучувани врати. Слободно си го изразија својот став утрово. Состојбата со воздухот нè загрижува сите и сите сме согласни околу тоа – вели Арсовски.

На 29 ноември во Скопје се одржа масовен протест за чист воздух. Предводени од младите, илјадници граѓани присуствуваа на протестниот марш за да го изразат својот револт. Организаторите и за денеска најавуваат масовен протест, на кој ќе се приклучат и многу средношколци.