Дејвид Коперфилд на суд мораше да открие како го изведува еден од своите најпознати трикови


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Најпознатиот магионичар на светот, Дејвид Коперфилд, на суд беше принуден да открие како го изведува својот познат трик Lucky #13, откако еден посетител на неговото магиончарско шоу во Лас Вегас бил повреден токму за време на изведбата на истиот.

58-годишниот Гевин Кокс бил еден од посетителите кои биле одбрани за изведба на трикот, но среде изведбата тој паднал и при падот се здобил со дислоцирано рамено, а тврди дека поради тоа претрпел и хронична болка, како и повреда на мозокот, пренесува ВВС.

Коперфилд, за потребите на изведбата на Lucky #13, по случаен избор бира 13 луѓе од публиката кои потоа исчезнуваат од сцената, после што сите 13 се појавуваат во задниот дел од салата, зад публиката.

Иако адвокатите од Коперфилд се обидоа да го убедат судот дека откривањето на начинот на кој се изведува трикот може финансиски да го загрози илузионистот, судот во Вегас, сепак, бараше тој да ја открие тајната на изведувањето на Lucky #13. Извршниот продуцент на Коперфилд, Крис Кенер, во вторникот откри како се изведува трикот.

Тајната лежи во тоа што 13-те случајно избрани учесници во трикот асистентите од Коперфилд брзо ги водат низ таен премин кој поминува покрај MGM ресортот во Лас Вегас, каде магионичарот ја изведува својата точка. Тие ја напуштаат зградата и се појавуваат во задниот дел од салата.

Британецот паднал додека го воделе низ таен премин и веднаш бил одведен во болница. NBC News пренесува дека Кокс тврди оти трошоците за лекување го чинеле повеќе од 400.000 долари. На прашањето од адвокатот на Кокс дали е виновен за повредата на неговиот клиент, Коперфилд одговори: „Тоа зависи од тоа што се случило. Да направев нешто погрешно, вината ќе беше моја“.