Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар тврди дека нема основа за обвинувањата во јавноста за тоа дека свештениците живеат на висока нога. Тој додава дека возниот парк со кој располага неговата епархија не чини повеќе од 10 илјади евра.
Господин Петар, во интервју за Макфакс, обвинувањата ги оцени како злонамерни потенцирајќи дека има деца што возат многу поскапи и полуксузни возила од оние со кои располагаат владиците и другите свештени лица. Според владиката Петар, свештеник може да се луксузира доколку има други приходи освен од МПЦ или, пак, располага со наследство оставено од родителите.
„Денеска е јасно како ден дека млади луѓе што немаат ни по 20 години возат далеку полуксузни возила од оние што ги возат свештените лица и од оние што епархиите ги поседуваат. Јас мислам дека ниеден свештеник не ја злоупотребува положбата што ја има. Треба да се разбере дека денеска може да земете возило, кое навидум е луксузно, а тоа да е поволно, кое чини 2-3 илјади евра, за разлика од друго возило, кое ќе биде ново, ама ќе е петпати поскапо од тоа. Честопати сме кажувале дека имаме две возила, едното е „ауди 4“, а другото „ауди 6“. Едното возило е старо 19 години и него сме го чувале и сме внимавале на него за сè уште да биде во употреба. Другото е старо 8 години. Нашиот возен парк не чини повеќе од 7-8 илјади евра. Оние што прават пропаганда дека возен парк од 7-8 илјади евра или 10 илјади евра е луксуз, мислам дека е безобразлак бидејќи немаат аргументи. Свештениците исто така не се во таквка состојба во каква што се претставуваат пред јавноста – дека се многу богати и бараат луксуз. Можно е тоа некој да го прави, но ако има дополнителни средства од друга страна или евентуално наследство од родителите. За епархијата каде што сум јас надлежен, можам да кажам дека нашите свештеници прават добри дела со денации. Надоместокот што треба да го примаат за извршување на своите црковни активности тие сега го донираат во фондот за трето дете. Оние што во јавноста шират дека ние се луксузираме, ако не пред овдешниот суд, ќе одговараат пред божјиот, особено за онаму каде нема никакви причини тоа да се говори“, вели владиката Петар.
Комнтирајќи за протестите во Атина, поврзани со спорот за името на Македонија и поддршката што демонстрантите ја имаа од Грчката православна црква, владиката Петар вели дека сето тоа е непримерно. Според него, кога ќе се чујат сите извици од протестите, каде што беше извикувано „Македонија е грчка“, не треба ни да се коментира за тоа.
„Сметам дека тоа не е добро, најмалку во такви игри да се заплетка црквата. Ние имаме целосно право како народ и црква да го штитиме она што е наше, а наше е овој дел од Македонија, кој е така именуван“, додава владиката Петар.