Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Владата вчера го утврди текстот на предлогот на закон за данок на солидарност, со кој се предвидува дополнително оданочување на компаниите кои оствариле екстра-профит за време на енергетската криза.
„Придонесот за солидарност, според посоченото од Министерството за финансии, треба да дејствува како редистрибутивна мерка за да се осигура дека предметните компании, што оствариле вишок профит поради неочекувани околности, пропорционално придонесуваат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар“, објавија од Владата.
Од таму додаваат дека веќе повеќе земји од светот воведоа или најавија дека ќе воведат т.н. данок на екстра профит (Хрватска, Бугарија, Грција, Унгарија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Германија).
„Воведувањето на овој данок има солидарна функција и ќе обезбеди финансиски средства што во целост ќе се користат за финансирање на програма за мерки за справување со кризата“, дополнуваат од Владата.
Владата очекува со новиот закон за екстра добивка да наплати дополнителни 90 милиони евра за државната каса, а со оваа давачка ќе бидат опфатени околу 180 фирми кои годинава оствариле вкупен приход од над 10 милиони евра и чиј профит е поголем од 20 отсто во однос на четиригодишниот просек. Со овој закон ќе бидат опфатени практично компании од сите стопански сектори, а не само од одредени дејности, како што тоа е случајот во други земји кои имаат воведено слична мерка.
„Данокот на солидарност, кој е замислен како еднократен данок и се однесува само на најголемите компании, има пред се солидарен ефект и треба да ја покаже општествената одговорност на сите нас, и на тие што сме во политиката, и на бизнис заедницата. Одговорност да се справиме со кризата ние сега, а не да платат идните генерации“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
„Данокот на солидарност, како што се нарекува во последниот предлог, а како што е наречен и во самата ЕУ директива, не е дел од даночната реформа. Тој нема за цел да се зголемат расходите во Буџетот, туку на веќе донесен Буџет со овие дополнителни средства ќе го намалиме буџетскиот дефицит и јавниот долг и истите ќе бидат искористени исклучиво за справување со кризата. Со ова како генерација ќе се справиме со предизвиците што ги имаме денес, а не како товар за идните генерации. Тоа е целта на овој закон, како еднократно решение, кое се препорачува од ЕУ и е во исклучителни околности како што е сега во време на криза“, истакнува Бесими.
Министерот наведувајќи дека тоа е и согласно Уставот каде општествената одговорност е една од уставните одредби, рече дека станува збор за специфичен данок, од кој средствата ќе одат во посебна програма во Буџетот за антикризни мерки.
„Тоа значи дека точно ќе биде определено за каква намена ќе бидат тие средства. Дополнително на тоа доколку ЕУ беше подготвена да даде 80 милиони евра грант, кој не е кредит, туку грант, што се пари од даноци на граѓани на ЕУ за нас за справување со кризата, и ние треба да покажеме дополнителна волја да собереме дополнителни средства за да го финансираме тоа. И доколку не се финансира на овој начин, тоа ќе значи дека ние би требало да се задолжиме во ова време кога на финансиските пазари каматните стапки се високи, не само ние, туку и идните генерации ќе ја платат цената на ова. Тоа е одговорност на оваа генерација, кон идните генерации не само на Владата, туку и на сите политичари и бизнис заедницата да одговориме денес за тоа што ни се случува нас, а не товарот да го пренесеме во идните генерации“, порача министерот Бесими.
Овие компании наместо 10 отсто, ќе платат дополнителни 20, односно 30 проценти данок на добивка.