Дали знаете како го добил името месецот февруари?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Февруари, на латински mensis Februarius, го добил името по februa – „прочистувачки и искупувачки предмети“, т.е. предмети што се користеле во обредите кои се изведувале кон средината на месецот, за време на празникот Луперкалии.

Луперкалиите биле древен верски празник со предримско потекло посветен на богот Луперк. Празнувањето почнувало пред пештерата во која, според преданието, живеела волчицата што ги одгледала Ромул и Рем. На олтарот пред оваа пештера за време на празникот прво како жртва се принесувале јарци и кучиња, а потоа двајца млади свештеници на Луперк, обично од аристократско потекло, биле попрскувани по челата со крвта од жртвуваните животни; откако ќе им ги забришеле челата со парче волна натопена во млеко, двајцата свештеници на Луперк приоѓале кон олтарот и отсекувале парчиња крзно од животните што биле принесени како жртва. Свештениците на Луперка со овие парчиња крзно, кои на латински се викале februa, голи или полуголи трчале низ ридот Палатин. Секого што ќе го сретнеле го удирале со парчињата крзно од жртвуваните животни.

Плутарх пишува дека девојките и жените намерно им се испречувале на свештениците на Луперк на патот, надевајќи се дека ако бидат допрени со крзното од жртвуваните животни ќе забременат или, ако се веќе бремени, дека ќе донесат на свет живо и здраво дете. По обредното трчање свештениците на Луперк се враќале во пештерата во која се верувало дека римската волчица ги одгледала Ромул и Рем.

Целта на обредите што се изведувале за време на Луперкалиите била да се исчисти градот од злите духови и да им донесе плодност и здравје на граѓаните. Денот кога се одржувале Луперкалиите во Рим бил познат како dies Februatus, наречен така по februa – обредните парчиња крзно по кои месецот февруари го добил името што и денес го носи.

Потеклото на зборот februa не е познато. Овидиј пишува дека бил од етрурско потекло и дека значел „прочистување“. Лингвистите сметаат дека е од прото-италско потекло и дека веројатно значи „чадење“, „палење“. Некои истражувачи го поврзуваат со латинскиот збор febris „треска“, „грозница“.

Извор: Фејсбук страница ΑΡΓΩ