Дали тато ја спрема за во политика: Иванка Трамп се повлекува од семејниот бизнис


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Ќерката на новоизбраниот претседател на САД Иванка Трамп најави дека се повлекува од семејниот бизнис. Одлуката ја изненади американската јавност пред сѐ поради фактот што Доналд Трамп на вчерашната прва прес-конференција како избран претседател не го спомна повлекувањето на Иванка.

Иванка Трамп својата одлука ја објави на Фејсбук.

Откако мојот татко и официјално ќе стапи на местото претседател, јас повеќе нема да бидам вклучена во управувањето и работењето на компанијата. Уверена сум дека нашата компанија ќе продолжи да се движи по патот на развојот.

Наследничката на Трамп додаде дека се повлекува и од својата компанија за производство на облека, и дека сите одговорности ѝ ги предала на Абигејл Клем, која ќе го води целиот бизнис на марката на Иванка сѐ додека нејзиниот татко ја врши функцијата претседател на САД.

Иванка истакна дека нејзините браќа ќе ја надгледуваат организацијата Трамп и дека е сигурна во нивната способност да ја извршуваат задачата. Иванка планира со семејството да се пресели од Њујорк во Вашингтон, пред се поради функцијата на нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, кого Трамп го постави за специјален советник во Белата куќа. Иванка истанка дека најголемиот дел од вниманието ќе им го посвети на децата.

Доналд Трамп на вчерашната конференција за новинарите потврди дека официјално ја предава контролата врз бизнис империјата на своите синови Доналд Помладиот и Ерик, во желбата да избегне конфликт на интереси откако ќе влезе во Белата куќа.

Дали тато ја спрема за политика?

Потегот на Иванка Трамп може да се толкува и од друг агол, особено по зачестените тврдења на американските медиуми дека таа всушност ќе ја извршува функцијата прва дама на САД, а не нејзината маќеа Меланија. Во прилог на тоа е и фактот дека Трамп својата ќерка ја повика на средбата со јапонскиот премиер Шинзо Абе, но и тоа што Иванка беше еден од клучните фактори во кампањата на Трамп, особено поради тоа што со одмерените настапи и говорите привлече голем дел млади Американци да гласаат за нејзиниот татко.

Покрај ова, нема ниту една логична причина зошто Трамп на својата шармантна ќерка да не и го препушти управувањето со компанијата, особено откако се покажа како исклучително талентирана, и за бизнис и за односи со јавноста.