Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Менталното здравје е психолошка благосостојба, способност на индивидуата да го живее животот на тој начин што ќе создаде рамнотежа помеѓу животните активности и психолошкото доживување. Доброто ментално здравје значи самодоверба, сигурност во себе, самопочит, целосно уживање. Ова и овозможува на индивидуата полесно да се справи со предизвиците со кои ќе се соочи во текот на животот, како и свесност за своите потенцијали и способности.
Менталните потешкотии пак влијаат врз животот на поединецот, неговото мислење, чувства, однесување и интеракции со другите луѓе. Анксиозноста е една од менталните нарушувања која значително влијае на животот на поединецот. Во денешно време со брзиот начин на живот, промените во средината и кризите, сосема е нормално да се појави загриженост и немир кај луѓето. Но постојаното чувство на страв и грижа може да биде знак дека личноста има анксиозност. Како физички симптоми се јавуваат напнатост, слабост во телото, тешко дишење, недостаток на воздух и стегање во градите, сува уста, зголемено потење на дланките и телото, често мокрење, вртоглавица, треперење на целото тело, трнење на рацете, забрзано чукање на срцето и сл. Од психолошките симптоми познати се страв, грижа, збунетост, немир, раздразливост, слаба меморија која често е резултат на намаленото внимание и концентрација, чувство на притисок проследено со намалување на трпението, иритабилност, агресивност, неможност за опуштање, чувство и исчекување дека нешто лошо ќе се случи и тн.
Симптомите можат да се преклопат со други медицински состојби па затоа е потребна посета на психолог или психијатар. За луѓето со анксиозност често домот е сигурно место, неговото напуштање доведува до непријатност а тоа ги спречува да го живеат животот со полна пареа. Главна причина за појава на анксиозност може да бидат стресни и негативни ситуации но може да е немотивирана и неповрзана со настан или лице.
Анксиозните лица постојано имаат чувство на тешкотија и не им е секогаш јасно зошто ја чувствуваат истата. Понекогаш може да се јави напнатост и непријатност со замислување на можни ситуации. За да може да се третира анксиозноста многу е важно навремено да се процени и препознае. Таа може да доведе до нарушување на секојдневното функционирање па потребна е помош од професионалци. Доколку се третира уште од раните фази може да се спречи појава на понатамошни поголеми последици. Постојат бројни пристапи кои ја третираат анксиозноста како гешталт терапија, когнитивно-бихејвиорална терапија, семејна терапија и други со кои може да се надмине и да се олесни животот на личноста.
Роберта Дунимаглоска,
студент на Институтот за семејни студии, Филозофски факултет