Дали службеник од МВР ги предупредил службите дека ќе се случи „Монструм“?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Според досегашните читања на транскриптите од нелегално прислушуваните разговори снимени во УБК, во рамки на новото судско рочиште за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, се добва сознание и впечаток дека вработен во МВР предупредил дека ќе се случи нешто лошо.

-Предупредив дека имам две битни информации. Дека или ќе нападнат полициска станица или вакво нешто, вели полицаецот Зоран Т. на соговорникот Никола Н.

Вработениот во безбедносните служби разговара со уште неколку соговорници и го повторува истото.

-Извршителите Косовари се, но има и некои наши поранешни колеги. Информации се имаа на време. Пратениците беа навреме информирани, и директорот знаеше и Синиша беше информиран. Им кажав уште пред 20 дена дека сакаат да нападнат некоја полициска станица. Им кажав дека има група, не веруваа. Еден од учесниците е со иницијали Б.Б., вели Зоран Т., за кој потоа соговорник го прашува дали е Башким Бајрами, поранешен колега, командир на граничниот премин Блаце.

-Да, тој е, морал да има јатаци. Знае како функционира полицијата, вели полицаецот кој потоа истата информација му ја предава и на советникот за безбедност на претседателот Синиша Алексовски, кој му враќа дека има логика, бидејќи Бајрами бил осуден на доживотен затвор но бил во бегство.

Извор: Фокус