Дали Шилегов, Лукаревска и Живковиќ ќе бидат нови министерски кадри во владиниот состав на Ковачевски?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Првичните партиски неофицијални информации од СДСМ велат дка за составот на новата Влада на новиот премиер Димитар Ковачевски, најмногу промени ќе има меѓу кадрите на СДСМ.

Веќе е познато дека Филипче, Шекеринска, Царовска, а најверојатно и Бочварски, Шахпаска и Димитров заминуваат. Кандидат за нов министер за евроинтерграции и вицепремиер ќе биде Бојан Маричиќ, Петре Шилегов е можен министер за за транспорт и врски, а Министерството за одбрана би требало да го води кадар од ДУИ.

За Никола Димитров веќе се шпекулира дека е најсериозниот кандидат за амбасадор во САД, а вицепремиерот Љупчо Николовски се враќа во Министерството за земјоделие. На негово место, вицепремиер за борба против корупцијата, се споменува Соња Лукаревска, актуелна директорка на УЈП и заменик потпретседателка на СДСМ.

Министерката Мила Царовска веќе најави дека нема да биде дел од новата влада. Нејзиниот наследник сè уште не е познат, а заменичкото место им припадна на Алтернатива, Љуљзим Алиу.

Беким Сали од Алтернатива е кандидатот за министерското место на Венко Филипче, здравство.

Се претпоставува дека во Министерството за надворешни работи нема да има промени, па Бујар Османи од ДУИ останува шеф на дипломатијата. И претседателот на ЛДП, Горан Милески, е сигурен како министер за локална самоуправа, исто како и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Алтернатива, како нов коалициски владин партнер, освен Министерството за здравство, ќе има и министер за информатичко општество, за каде е предложен Адмирим Алити, а Џемаил Чупи е предложен за министер без ресор одговорен за дијаспората.

Од СДСМ Миле Зечевиќ изјави дека ќе биде новиот генерален секретар на партијата, а како нов можен потпретседател на партијата се споменува и името на градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов. За потпретседателското место во партијата сериозен кандидат е и пратеничката Славјанка Петровска.

Нема информации за тоа дали Ковачевски планира нов човек и во Министерството за внатрешни работи на местото на Оливер Спасовски. Владиниот советник за труд и социјална политика Милан Живковиќ можно е да биде и новиот министер за труд и социјала на местото на Јагода Шахпаска.