Дали ќе „чисти“ во Влада: Заев продолжи со партиската чистка – сменето цело раководство на СДСМ


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Метлата на првиот човек на СДСМ и премиер, Зоран Заев, повторно заигра во партискиот двор. На вчерашната четиричасовна седница на Централниот одбор (ЦО) го разреши комплетното партиско раководство. Шест потпретседатели, тројца секретари и сите членови на Извршниот одбор повеќе нема да ги извршуваат партиските функции. Ова е втора „метла“ во партијата откако беа разрешени 78 претседатели на општинските организации, пренесува Гласот на Америка.

Премиерот Зоран Заев им се заблагодари на досегашната соработка и уште еднаш повтори дека смените се случуваат поради неуспехот на партиските функционери во исполнувањето на задачите и ветувањата, но и поради ароганцијата која ја демонстрирале.

„Ветивме промени, промените се случуваат. СДСМ демонстрираше сериозна одговорност пред граѓаните. Донесовме сериозни одлуки и суштински и системски промени. Сакам јавно да им се заблагодарам на сите функционери кои денеска ја завршија својата партиска функција. Им благодарам на тројцата секретари, на сите шестмина потпретседатели. Сакам да му се заблагодарам и на Извршниот одбор кој од денеска престана да ја извршува функцијата. Оваа одлука која вечерва ја донесовме е сериозен израз на одговорност и на примање на пораката од граѓаните. Тргнавме од сопствените редови“, рече Заев.

Потпретседателите Фросина Ременски, Мухамед Зекири, Петре Шилегов, Дамјан Манчевски, Оливер Спасовски и Благој Бочварски веќе нема да извршуваат партиски функции. Разрешен е и генералниот скретар Александар Кирацовски со кого се поврзани неколку скандали со непотизам преку вработувања на свои блиски роднини. На негово место е поставен актуелниот министер за земјоделство Љупчо Николовски, кој ќе си замине од Владата.

„Љупчо Николовски е новиот генерален секретар. Тој е еден од поуспешните министри. Тоа граѓаните го знаат. Горд сум што имав таков член во кабинетот. Прави чекор назад и се враќа во партијата за да помогне. Му посакувам успех и бескомпромисност. Сега е време целокупниот потенцијал на партијата да го ставиме во функција на граѓаните“, изјави Заев по седницата.

Николовски најави дека ќе се менува системот во партијата и ќе се бара одговорност и отчетност од сите функционери, во извршаната и во локалната власт.

„ Сакам да се заблагодарам на довербата. Ќе работам со новото раководство на СДСМ, новиот извршен одбор и потпретседателите. Ќе работиме на силна контрола за тоа како се реализира програмата на СДСМ и нашите ветувања. Ќе бараме отчет од сите функционери, градоначалници и директори“, рече Николовски.

Покрај разрешувањето на 24 членови на ИО, од функцијата е сменети и организационот секретар Миле Зечевиќ, како и Цветанка Ласкова, претседател на Форумот на жени и советник на премиерот Заев за култура. Таа исто така беше вмешана во скандали но не се вработувања, туку со доделување на грантови од Буџетот на фирми на нејзини роднини.

Според премиерот и претседател на партијата сите одлуки за разрешувањата биле донесени консензуално. Новото раководство на партијата ќе се избере во наредните петанесетина дена.

Кога станува збор за „метлата“ во извршната власт, Заев најави смена на повеќе од тројца министри што значи дека со досегашните шест оставки ќе оди на реконструкција на Владата и гласање на новиот кабинет во Собранието каде се потребни 61 глас од пратениците.