Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Општина Охрид повторно матно ќе легализиција дивоградби на атрактивни локации, соопштуваат од Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ.
Бидејќи Општина Охрид не е транспарентна и советот не работи во име на жителите на Охрид, и ниеден документ, за ниедна седница не е јавно достапен на увид барем седум дена пред седницата на интернет страницата на општината, мораме сами да пребаруваме низ АКН ГИС системот на Агенцијата за катастар за да видиме за што се работи и кои парцели се предложени за легализација на следната 26-та седница. На страницата на општината стои само едно соопштение со точките на дневен ред, ништо повеќе. Единствено советниците добиваат некои материјали, но и тие не ги споделуваат со своите гласачи. Останува на седница само да гласаат, за или против, и нештата да се донесат.
Во продолжение, ставаме на увид за што ќе гласаат меѓу другото (односно што треба да легализираат) советниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Во описот на секоја слика е наведено под која точка е на дневен ред и за која локација, односно катастарска парцела се работи, без податоци за тоа што се легализира. Зачудува како земјиште во сопственост на Република Македонија, во Трпејца, кај авто-кампот „Андон Дуков“, во Велестово и на други локации каде нема изградени објекти се става во категорија „вклопување на бесправно изградени објекти“, а уште повеќе, некои од катастарските парцели се наоѓаат на самиот брег на Охридското Езеро и во Националниот парк Галичица, на атрактивна местоположба. Се сеќаваме на повлечената точка од дневен ред за месноста Градиште само пред два месеци каде се подготвуваше слична операција, имајќи предвид, дополнително, дека тука сè уште не е завршен процесот на денационализација.
Зошто не смее да се легализира
• Некои од локациите се во рамките на НП Галичица и на самиот брег. Дали е добиена согласност од ЈУНПГ и МЖСПП и дали точно знаеле што одобруваат?
Не е наведува големината на објектите кои се легализираат, а некои од парцелите се со големина од илјадници метри квадратни па дури и 6 хектари во Трпејца, така што воопшто не се знае што се легализира;
• Се легализира на парцели кои според катастарската евиденција воопшто не се водат како градежно земјиште; некои се во државна сопственост. Државата сама посегнива кон нелегално градење и ги прекршува сопствените закони?
• Барем на една од парцелите нема изградени објекти. Што тоа се легализира? Дали локалната издава бланко карта (carte blanche) за легализација уште пред да биде изградено, за потоа да се гради кој, како и колку сака можеби да се оттуѓи земјиштето по повисока цена и да се овозможи „лесна“ урбанизација.
• По инцидентот со легализацијата во Градиште од пред само 2 месеци и повлекувањето на точките од дневниот ред, в.д. градоначалникот Константин Георгиески најави ревизија на сите плански документи и посочи дека во општината „правиме сè да го спречиме несовесното однесување и бесправно градење.“ Дали овие точки на дневниот ред за 26 седница се уште една грешка со многу поголеми последици?
• Дел од предвидените легализации се однесуваат на Горица Север која треба да биде заштитна зона на Студенчишкото Блато што е во постапка за прогласување на Споменик на природата. Дали со легализација на објекти токму тука, се сака да се попречи заштитата на Блатото и да се оневозможи да се заштити во неговата реална големина?
Легализацијата се коси со обврските кон УНЕСКО
Согласно барањата од реактивната мисија на УНЕСКО од април 2017 вклучени во препораките 41 COM 7B.34 од истата година, македонската влада имаше обврска да:
1. Да направи инвенторизација на сите нелегални градби во рамките на доброто на УНЕСКО;
2. Да се изработи Оцена за влијанието врз животната средина (ОВЖС/EIA) и Оцена за влијанието врз културното наследство (ОВН/HIA) кои ќе го проценат влијанието на нелегалните градби врз ИУВ (исклучителената универзална вредност) на доброто;
3. Да ги отстрани сите нелегални градби, особено во НП Галичица според проценките на старешката оцена;
4. Загарантира ригорозна примена на законите и регулативата со цел да оневозможи било какво натамошно нелегално градење во рамките на доброто.
Владата, во Акцискиот план кон Извештајот за напредокот во спроведување на препораките од февруари 2018 си зададе задача, со рок до ноември 2018 да направи детален инвентар на нелегалните градби. Тоа се разбира не се случи, Владата не ги испочитива ни планот којшто самата си го зададе, а следствено не се реализирани ни другите барања. Во Извештајот за напредокот во спроведување на препораките од 30 ноември 2018, Владата несмасно посочува дека за градбите кои се легализираат, мислење односно одобрение дава „надлежна установа за заштита на културното наследство“ што не е институција која може да направи проценка за влијанието врз природното наследство, а секако отсуствува и гореспоменетата, неопходна оцена (ОВЖС).
Да нема забуни, иако Владата дава отчет пред Центарот за светско наследство на УНЕСКО, задачите кои се во доменот на локалната самоуправа се обврска на истата. Тоа секако ја вклучува урбанизација за чие планирање и контрола е задолжена Општината. Тоа е истата Општина Охрид која во 2017 немаше чуено за Препорака бр. 6 за мораториум на урбанизацијата, во летото 2018 сметаше дека прогласувањето мораториум не е во нејзина надлежност, за во ноември 2018 да се пофали дека мораториум всушност имало бидејќи од ноември 2017, Општината не усвоила нови урбанистички планови. Иако во меѓувреме, само во 2018 до Комисијата за Охридскиот регион беа поднесени десетици барања за урбанизација. Се разбира, продолжи и издавањето дозволи и градењето, помали измени на урбанистички планови, но најфрапантно, продолжи изградбата и легализацијата на дивоградби.
Во реалноста, не само што мораториум не постои, туку легализацијата на дивоградбите, што по дефиниција значи КРШЕЊЕ НА ЗАКОНОТ односно НЕЗАКОНСКО градење е дрско постапување токму во спротивност не само на препораките на УНЕСКО, туку со законите на Република Македонија. Таа води кон урбанистички хаос, неконтролирана урбанизација, го пореметува планскиот развој и е директно врзана со деградацијата на Охридското Езеро односно еутрофикацијата на водите. Со тоа, Општина Охрид и Владата демонстрираат основно наразбирање за заканите по природното наследство на Охридскиот регион и свесно го водат единственото УНЕСКО добро на Македонија на Листата на загрозени подрачја за што Комитетот за светско наследство треба да се произнесе оваа година.
Затоа, бараме отфрлање на точките и запирање на легализацијата. Приоритетно да се изготви деталниот инвентар на нелегални градби, Оцената за влијанието врз животната средина и да се постапи по препораките на УНЕСКО. Да се пристапи кон отстранување на градбиде за кое е проценето дека штетно влијаат на ИУВ на доброто и за запре легализацијата сè додека не се изработи Планот за управување со охридскиот регион. Потворно ја потсетуваме Општина Охрид да работи транспарентно и во интерес на трајно зачувување на вредностите на регионот.
Дополнително: податоци за спорните парцели
КП 1499, КО Трпејца – точка 43. Предлог- одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко – планска документација, со цел вклопување на бесправно изградениот објект на Кп.бр.1482 и 1499 КО Трпејца.
Ледина на запад од централното јадро на селото, неизградена, во сопственост на Република Македонија. Огромна површина, веднаш над езеро. Што треба тука да се легализира и зошто толкава површина? За чив интерес?
КП 869/1, КО Охрид 4 – точка 55. Предлог- одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко – планска документација, со цел вклопување на бесправно изградениот објект на кп.бр. 869/1 и 869/2 КО Охрид 4.
Прва во табелата за сопственост е Република Македонија. Парцелата не е сегментирана, туку е претставена како една целина. Тоа е авто-кампот „Андон Дуков“. Парцелата е на самиот брег, нема 50 метри од највисокиот водостој, иако брегот треба да е јавен простор.
КП 869/2, КО Охрид 4 – точка 55
Изграден објект, во сопственост на Република Македонија. Не е кажано за каков објект се работи, зошто досега бил дивоградба и токму сега се створила потреба да се легализира. Во рамките е на (обиколен од) КП 869/1 и веројатно би влегол во планот за таа парцела.
КП 866/1, КО Охрид 4 – точка 58. Предлог- одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко – планска документација, со цел вклопување на бесправно изградениот објект на Кп.бр. 860/1, 860/2, 865/1 и Кп.бр.866/1 КО Охрид 4.
Огромна парцела, многу блиску до брегот. Се забележува напред, на плажата дека е исчистена трската, прекинат е појасот, веројатно некој од локалните сопственици правел отворен простор за чамци, пристап од вода. Дали е и тука брегот приватизиран?
КП 5863/2, КО Охрид 4 (Горица Север) – точка 56. Предлог- одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко -планска документација, со цел вклопување на бесправно изградениот објект на Kп.бр5863/2 KO Oхрид 4.
Горица Север треба да е заштитна зона за блатото. Дали сега се легализира за да се отежне или оневозможи заштитата?
КП 645/2, КО Велестово – точка 17. Предлог- одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко – планска документација, со цел вклопување на бесправно изградениот објект на Кп.бр. 645/1 и Кп.бр. 645/2 КО Велестово.
Парцелата 645/2 е во сопственост на Република Македонија, нема изграден објект, се води како нива. Кој и зошто ја легализира?
Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ – Соопштение за јавност