Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
На прес-конференцијата која ја одржа денеска, Трифун Костовски како мнозински акционер во пропаднатата Еуростандард банка обвини дека банката била убиена со умисла, по налог на сивата еминенција во државава.
Ова обвинување, како што посочи тој, се заснова врз база на анализите направени од странски експерти предводени од Драго Кос, познат европски банкарски експерт. Како што рече Кос, во Македонија функционира синџир од банкарски криминал со незаконито финансирање на компании, а со знаење на Народната банка.
Кос нагласи дека дошол до сознанието дека во Македонија од 2004 до 2020 е поставен систем за незаконско финансирање од банките.
„На пример, во еден случај, банката А ѝ дава кредит на фирма од 500.000 евра и тој кредит истиот ден оди во банката Б. Оттаму истиот кредит како заем оди во друга фирма, па во друга банка, а еден ден подоцна, кредитот се враќа во банката А. Банките определувале за заемите, a не компаниите што би било во ред, а од што заработувале банките. Во тој систем се седум банки, 45 компании и едно физичко лице активно во шемата“, рече Кос и додаде дека за 54 трансакции нема договори.
„Во истиот период, докажани се најмалку 103 фалсификувани потписи на налози за пренос, пет фалсификувани потписи на договори за кредит и 32 фалсификувани потписи на договори за заем, а биле изготвени и потпишани 40 фиктивни договори за кредит и 81 фиктивни договор за заем. Исто така, за приближно 54 трансакции помеѓу компании, коишто учествувале во шемата, воопшто не биле склучени договори за заем, што укажува на фактот дека „Комерцијална банка”, поради обемноста на шемата и бројот на банки и компании што учествувале во неа, конечно изгубила секаква контрола врз истата. По пат на оваа шема којашто функционирала од 2004 до 2011 година, само преку две компании, Комерцијална банка заработила 5.573.602 евра во незаконски стекната добивка, додека овие две компании претрпеле штета во износ од 21.601.991 евра“, се посочува во извештајот.
Според Кос, замижувале институциите, но како што предупреди, кога шемата ќе се „урне“, тоа може да предизвика катастрофални финансиски последици.
„Ниту една од компаниите вклучени во оваа шема не била целосно запознаена со ова, бидејќи во неа учествувале многу банки и компании чиишто претставници, и покрај големите готовински трансакции, честопати воопшто не се ни познавале. Ниту една од овие компании не можела да води евиденција на сите плаќања, бидејќи тие едноставно не знаеле за нив, особено доколку парите се пренесувале преку други компании и преку други, а не нивните, комерцијални банки. Само банките, барем во првичните фази, можеле да го следат текот на овој процес на кредитирање и позајмување, а откако се развила шемата, дури и тие почнале да губат контрола над тоа кој кому платил и кој кому должишува во извештајот изработен од странските експерти на чело со Кос.
Со оглед на фактот дека такво брзо финансирање не би можело да биде поинаку обезбедено, релевантните законски документи се потпишувале исклучително брзо или пак се подготвувале подоцна, додека налозите за пренос се вршеле надвор од работното време. Поради динамиката на настаните, сите лица кои требало да стават потпис не секогаш биле достапни, поради што било неопходно нивните потписи да бидат фалсификувани на налозите за пренос, договорите за кредит, договорите за заем и слично, а ова се случувало во најголемиот број на случаи. Честопати, лицата чиишто потписи биле фалсификувани дури не биле ни свесни за тоа.
Според Костовски, во симбиоза биле Народната банка и Комерцијална банка, а нејзиниот директор Хари Костов има големо влијание па и во поглед на раководниот тим на централната банка.
„Незаконски се искористени три милиони евра, наменски даден депозит од Еуростандард банка, кој не може да биде пренаменет или користен за други потреби, без согласност на надзорните одбори на двете банки. Во договор, кој го знаат само управните одбори на двете банки, овие средства се исчезнати“, рече Костовски.
Во извешатајот е наведена детално финансиската состојба на Еуростандард банка во изминатите години, најдено е дека стапката на адекватност на капиталот во 2019 година била негативна и дека кога е поведен стечајот состојбата била подобрена.
„Со оглед на фактот дека во август 2019 година не била поведена стечајна постапка, се додава во извештајот, постојат сериозни сомневања во однос на тоа дали моментот на поведување стечајна постапка на 12 август 2020 година бил соодветно избран“,пишува во извештајот
Костовски рече дека лично го ангажирал Кос со цел да се дојде до факти од независна експертска комисија и дека за нивниот труд издвојува средства, со мака, како што рече, зашто имотот му е замрзнат. Потоа тој најави дека и во наредниот период ќе одржува прес-конференции со цел јавноста да ја запознава со нови моменти од вистината за банкарскиот грабеж..
„Нема да се откажам од мојата борба со сите институции во Македонија, зашто очигледно е дека тоа беше обид да се уништи сѐ што е добро во земјава. И наместо да ме брани држаата, таа ме ограби“, рече Костовски.
Извештајот на странските експерти „тежи“ над 1.100 страници и го следи патот на парите, а вториот извештај е над 100 страници. Прва независна истрага од ваков вид со странски експерти, беше речено на прес-конференцијата.
Затоа, рече Костовски, жалам што на оваа прес – конференција, односно презентација на истрагата, не дојдоа поканетите државни институции како Јавното обвинителство, Антикорупциска комисија, Финансиска полиција и други. Тоа што не се одѕваа на поканата значи и дека не ја сакаат оваа вистина, рече тој.
Костовски обвини дека парите кои биле повлекувани од банката како кредити без покритие, во најголем дел оделе во фирми од Струмица, блиски до СДСМ.
„Сатарот го направи Народна банка без да ги искористи сите механизми кои ги има на располагање за санирање на банката.Тоа беше направено во време на техничката влада на Оливер Спасовски, по завршувањето на вонредната состојба, кога практично не можевме нормално да работиме“, рече Костовски.
На прес-конференцијата беше Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“. Според неа, ова истражување е врвот на случувањата во банкарскиот сектор, и како што нагласи, би било добро ако денешниот настан предизвика реакција државните институции.