Дали човештвото е на својот биолошки крај? Мајкл Мур предвидува глобална катастрофа


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


За време на глобалната пандемија на коронавирусот, оскаровецот Мајкл Мур го претстави својот нов документарец за климатските промени и лагите на „зелената“ индустрија.

Филмот „Planet of the Humans“ беше објавен на YouTube на 21. април, симболично, во очи на Денот на планетата Земја, а досега има нешто над 8 милиони прегледи.

Ја селектирате ли пластиката од биоразградливиот отпад? Ги почитувате ли жанровите на контејнери на начин со кој, со фрлање на ѓубрето, внимавате на сугестиите од натписите: СТАКЛО, ХАРТИЈА или ПЛАСТИКА? Е па, можеби, со некоја вреќа со ѓубре, треба да застанете пред некој таков контејнер, да се свртите околу вас и да сфатите дека се наоѓате среде една глобална измама која се крие зад еколошките приказни за обновливите извори за енергија, рециклирањето и „зелената“ индустрија.

Филмот „Planet of the Humans“ го напиша и режираше Џеф Гибс, а контроверзниот и бунтовен документарист Мајкл Мур, познат по субверзивните филмови „Fahrenheit 9/11“, „Bowling for Columbine“, „Sicko“, „Capitalism: A Love Story“, се појавува во улога на продуцент и промотор. Со оглед на тоа дека е веќе специјализиран за разоткривање на асурдите на американското општество, сега го донесува филмот за корпоративните лаги на индустриите кои се потпираат на приказната за климатските промени и грижата за околината. Оди до таа мера далеку што богатиот бизнисмен Ричард Бренсон го етикетира како лажен еко „светец“, а не му остана должен ни на најславниот еколошки лик, Ал Гор, кој доби Оскар за документарецот за климатските промени, „An Inconvenient Truth“ во 2006 година.

Мур се осмелува да проговори за тоа што нам никој нема да ни го каже, како што вели тој, на Денот на планетата Земја, а тоа е дека ја губиме битката со климатските промени и дека, всушнсот, веќе не можеме да ги спречиме последиците од глобалното затоплување, поради фактот дека светските лидери не одведоа во погрешен правец во тој поглед.

После гледањето на филмот „Planet of the Humans“, се поставува важното прашање кое не мора да има тенденција за теорија на заговор. Дали глобалната епизода со коронавирусот е, исто така, капиталистичка измама или е „тизер/трејлер“ за филмот за големиот бумеранг кој природата му го враќа на човештвото и кој наскоро ќе го гледаме?

Екологијата е можеби дисциплина на капиталистичкото (само)залажување, која служи за тоа нашата совест да ни остане чиста додека сè околу нас се гуши во ѓубре и загаденост.