Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Германскиот весник Велт објави статија под наслов Зошто Брисел сака да создаде нова Југославија?, пренесува Факултети.мк.
Идејата е родена на Балканот, а ја формулира српскиот претседател Александар Вучиќ со реченицата: Би било практично ако сите земји на Балканот се поврзат со заеднички економски простор. Тоа би можело да биде првиот чекор кон пристапот до ЕУ. ЕУ набрзо почна да размислува за идејата.
На Балканот повеќе земји сакаат да влезат во ЕУ , но ЕУ е во длабока криза и ја забавуваат други работи. Така, царинската унија би можела да биде добар инструмент за да се добие на време. ЕУ не мора да прима нови членки, но може да го зачува своето влијание на Балканот – каде што конкурентните сили се борат за влијание.
Комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Ханс, постојано нагласува дека целта е пристап до ЕУ. Од него потекнува формулата: позитивна меѓусебна зависност на земјите од Западниот Балкан би можела да придонесе да се намалат сеприсутните етнички тензии. Тоа во основа би било повторното раѓање на поранешна Југославија, само во форма на царинска и транспортна унија. Секако, без Хрватска и Словенија, кои веќе и припаѓаат на ЕУ. Но затоа со Албанија.
Унија на Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија би била унија на посиромашни земји наследнички на Југославија.
„Како што Белград доминираше во поранешна Југославија, така би доминирал и во оваа нова Југославија. Македонија не би се плашела за својата егзистенција. Конечно би била дел од поголем сојуз, наместо да е сама, и опкружена со непријателски соседи: Грција, Албанија, Бугарија, Србија, кои мислат дека Македонија не е вистинска држава и дека дел им припаѓа ним. И Босна како дел од ваквата Унија не би требало да се плаши од можноста еден ден да се распадне, пишува германскиот весник.
Анкетите покажуваат дека распадот на Југославија е нешто поради кое скоро сите републики се каат. Распадот на Југославија предизвика вакуум во европската архитектура на моќ, кој и денес не е пополнет. Како што распадот на Хабсбург некогаш ја направи Европа послаба, па Хитлер ја искористи слабоста на новите држави, така и крајот на Југославија создаде постојан конфликт во срцето на Европа, кој никогаш не бил целосно изгаснат.
На Западен Балкан националните елити го ризикуваат кревкиот мир со цел да го оттргнат вниманието од неуспесите на својата влада, пишува авторот Нилс Анен, портпарол на Министерството за надворешни односи на парламентарната група на СПД во Бундестагот.
На самитот во Западна Европа, ЕУ мора одлучно да одговори на оваа неодговорна политика. Германија и ЕУ треба да бидат повеќе вклучени и недвосмислено да стават до знаење дека преговорите за пристап мора да бидат водени сериозно, дека европската перспектива на земјите од Западен Балкан останува, но и дека регионалното помирување и принципите на владеење на правото се предуслови за тоа.
Западниот Балкан се врати на политички дневен ред. Но овој пат Европа ја вознемируваат внатрешнополитичките вести од регионот: меѓусебните провокации меѓу Србија и Косово, големоалбанската реторика на косовските политичари или насилниот упад на припадниците на поразената влада во Македонија – некои од овие сценарија ги потсетуваат на насилните деведесетти години. Но, оваа историска паралела е лажна: новите тензии се појавија не поради етнички конфликти туку затоа што националната елита сака да ја зацврсти својата власт и да ги попречи демократските реформи.
Во последниве неколку месеци водечките политичари на Балканот свесно придонеса за труење на климата во државите и меѓу нив. Очигледно е: националистичките емоции треба да им обезбедат поддршка и да им помогнат да се изгубат од вид лошите владини биланси. Ова е неприфатлива, лоша стратегија. Реалните проблеми на Западниот Балкан се во други области: нелегална трговија со оружје, организиран криминал, ендемска корупција и екстремна невработеност меѓу младите, и егзодус на младите и добро образованите лица.
ЕУ на актуелните настани во регионот не треба да одговори со ублажување на условите за пристап. Таквиот геополитички пропуст ќе го уништи кредибилитетот на ЕУ и таа би ги испуштила од раце средствата за притисок на владите на Западниот Балкан. Владите на Балканот мора да го прифатат канонот на вредности на ЕУ, почитувањето на демократските институции, правата на опозицијата и слободата на медиумите, ова не се работи што може да се доведат во прашање. ЕУ мора да изврши недвосмислен притисок врз овие земји за тие да спроведат реформи, а, од друга страна, јасно да стават до знаење дека тие реформи не се никаква услуга за Европа, туку се во интерес на нивната земја.