Дачиќ со скандалозна изјава: Испаднавме будали што Србија ја призна Македонија


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Србија погреши што ја призна Македонија под уставното име, бидејќи таа гласаше за независноста на Косово, изјавил шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ во интервју за агенцијата Бета. Дачиќ додал дека Србија сега треба да ја употребува референцата „ПЈРМ“ на мултилатерално ниво, а не како што досега беше случајот со употребата на уставното име на Македонија, пренесува Макфакс.

„Србија направи голема грешка поради тоа. Цела Европа и цел свет го користат називот „Поранешна Југословенска Република Македонија“, а ние на нашите браќа Грци им удривме шамар и сега очекуваме од Грција да не го признае Косово, додека пак Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, а сега Македонците секогаш гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали, еве ќе употребам недипломатски израз“, рекол Дачиќ.

Тој додал дека Белград во билатералните односи со Скопје ќе го употребува уставното име, но дека мултилатерално ќе користи името кое се употребува во ЕУ и ОН – ПЈРМ. „Сега вие ќе речете дека тоа е освета. Тоа не е освета, тоа е одговорна државна и национална политика. Не е Србија играчка па сите да можат да си играат со нас. Ние на никого нема да му дозволиме да не понижува. Ако на некого не му се важни нашите цркви и манастири на Косово и Метохија, кои се запалени и уништени, и тоа не е доволно за некој да биде барем воздржан на прашањето за УНЕСКО, тогаш морам да ја ставам во прашање и суштината на нашите односи“, нагласил српскиот министер.

Говорејќи дека се работи за политика на реципроцитет, Дачиќ исто така додал дека „едвај чека кога во меѓународните односи ќе се појави некој став кој е важен за Македонија или Црна Гора, па тогаш да се види како Србија ќе се постави по однос на тоа“.

„Јас не говорам дека сега ние ќе преземеме нешто против Црна Гора или Македонија или Хрватска, јас само говорам за нашиот однос кон нивните барања кога тие ќе бидат на дневен ред, а инаку за нашите билатерални односи, тоа нема никаква врска. Се работи за нашиот територијален интегритет“, заклучил шефот на српската дипломатија.